Ја чекаме Сара Џесика Паркер во Македонија: Се огласи Самир Љума од „Медена земја“
Денеска главна тема на муабет и гордост е дефинитивно објавената фотографија на Инстаграм профилот на познатата актерка Сара Џесика Паркер, а поврзана со одличниот македонски документарец „Медена земја“.
Имено актерката, позната како Кери Бредшо од „Сексот и градот“ е воодушевена од филмот за пчеларката Хатиџе Муратова, за која вели дека е жена која нема никогаш да ја заборави.
Таа им заблагодарува на „виновниците“ Љубомир Стефанов и Тамара Котевска за ова ремек-дело, и вели дека ќе ги следи насекаде, бидејќи преку нив научила многу. Таа тврди дека овој филм заслужува да добие „Оскар“.
Еден од снимателите на филмот, кој доби и Специјална награда за камера на „Санденс“, Самир Љума, по ваквата објава на Сара, на својот профил на Фејсбук напиша дека ја очекуваат актерката во Македонија.
„Медена земја“, што по триумфот на престижниот фестивал „Санденс“, на светските фестивали се стекна со околу 20 главни награди, е годинешен македонски кандидат за „Оскар“ и е во трка за најдобар документарец на „Европските филмски награди“.