Кој ќе го замени Влатко Илиевски на „Златно славејче“ ?
По 48. пат, од 16 до 19 ноември ќе се одржува најстариот македонски детски фестивал „Златно славејче“. Годинава, „Славејче“ ја менува локацијата, по три години откако по неколку пати ја полнеше ВИП Арената “Борис Трајковски“ , годинава славејчињата ќе пеат во Македонската филхармонија.
Од 2008 година до лани, водител и заштитен знак на фестивалот беше миленикот на децата, актерот и пејач Влатко Илиевски, кој почина на шести јули во Скопје.
„ Ќе биде тешко да се најде замена за Влатко, тој беше и актер и пејач и шоумен. Децата го обожаваа Влатче и тој секогаш ќе остане дел од фестивалот“, ни изјави летово Бобан Јосифовски од Сојузот за грижи и воспитување на деца на Град Скопје, организатор на „Славејче“.
Водител на фестивалот годинава, најверојатно ќе биде Атанас Атанасовски, популарниот актер од Театар „Комедија“. „Деведесет проценти е сигурно дека водител на фестивалот е Атанас. Се очекува само да се усогласи со некои термини во неговиот матичен театар. Тој е одличен актер и вистински избор за фестивалот“, ни изјави Јосифовски.
"Златно Славејче" ќе се одржи на: 16, 17, 18 и 19 ноември 2018 во салата на Македонска Филхармонија. Сите претстави се со почеток од 11, 13 и 17 часот во сабота и во недела. Од понбеделник до петок се одржуваат претстави за училиштата. Билетите се продаваат преку продажната мрежа на МкТикетс, BabyShop.mk и во Југотон по цена од 250 денари.
М.Џаровска