Купи џемпер од 800 марки и за инает го уништи: Неверојатна приказна за легендарниот Чкаља
Кога починал, легендарниот српски актер Миодраг Петровиќ- Чкаља зад себе оставил само 800 евра. „Никогаш немаше штедна книшка, но овие пари му остане во џебот од капутот, таму ги најдовме. Да не си купеше еднаш еден џемпер од 800 марки во Трст, ќе му останеа повеќе. Но, јас го сакав каков што е, и не би го менувал за никој друг“, изјави синот на актерот, режисерот и актер Чедомир Петровиќ.
На први април, да беше жив, легендарниот комичар ќе наполнеше 71 година. Почина во 2003 година во Белград. „Целиот живот го помина со половина белодробно крило и со чест бронхитис“, изјавил синот и раскажал интересна приказна од еден нивен семеен шопинг во Трст.
„Многу сакавме да одиме во Трст. Мајка ми, сопругата и децата одеа да пазарат, а ние двајца да одиме и да гледаме во излозите. Одиме така и гледам јас во излог еден џемпер. Знам дека му се бендиса и му велам: Миле, не е ова за тебе. Така го викав, Миле. Сепак влеговме во дуќанот, а таму глава боли од цените. Италијанката веднаш сфати дека сме од Југославија“, раскажал Петровиќ за „Фејс ТВ“, пренесува „Курир.рс“.
Го сакав каков што е .- Синот на Чкаља, режисерот и актер Чедомир Петровиќ
Кога Чкаља ѝ рекол на продавачката дека сака да го проба џемперот, таа не сакала да му го даде тврдејќи дека може да го скине додека го облекува.
„Слушај, давај го џемперот, немој сега јас на тебе мајката...“, ја опцул актерот продавчката“, раскажал синот.
„Кога го проба, убаво му стоеше и иако чинеше 800 марки, рече да му го спакуваат. Продавачката го послуша, а тој ѝ фрли 800 марки. „Конто, конто“, му рече таа мислејќи да му даде сметка. А тој на неа: „Ма, какво конто“. Кога го зема џемперот, татко ми почна да го растегнува, да го тутка, да го расипува патентот. Го фрли долу, го удираше со нозете. На крајот кога излеговме од продавницата и седнавме на капучино, го прашав: „Што правиш?“. „Па, морав да ја одбранам нашата чест“, ми одговори“, раскажал режисерот Петровиќ.
Чкаља подоцна го фрлил уништениот џемпер, а кога Чедомир го прашал татко му што ќе им кажат на жените, каде отишле 800 марки, актерот му одговорил на синот: “Па, ќе речеме дека крадци ни го земале. “
„Таков беше. На таквите работи им се радуваше како дете.Затоа го сакав“, раскажал синот на легендарниот Чкаља.