На Миа ѝ се слоши во жешката када: ДНК за новиот спот снимен во Турција

Емотивна и впечатлива, модерна балада е новиот сингл на дуото ДНК, „Ние“. Песната е со потписот на веќе проверениот и докажан авторски тандем - Лазар Цветкоски и Панчо. Музиката е нивно заедничко дело, текстот е со потписот на Панчо, додека аранжманот е на Лазар. За мастерингот, пак, се погрижи Крис Герингер, Sterling Sound, од Њујорк. Герингер во својата биографија има запишано соработки со Дрејк, Карди Б, Ријана, Лејди Гага, Ву Танг Клан и многу други. 

Спотот е интересна приказна во која главната женска улога ја глуми водителката Миа Костова, а снимен е во Анталија. Дел од интересните сцени е и онаа кога Панчо и Миа се во када, во хотелска соба. 

„Спотот се снимаше во ептен релаксирана атмосфера, во „Босфорус Соргун“ хотелот во близина на Сиде, Анталија, благодарние на „Фибула травел“. Имавме можност таму да бидеме седум дена, од кои четири работно. Добра екипа бевме така што помина сѐ како што можете да видите на крајниот производ. Со Миа не бев јас доста време во када, видовте во видеото дека таа ме повлече и паднав со неа во кадата. Нормално, беше сѐ смислено. Но се смеевме затоа што водата ѝ беше многу топла па некако ѝ се прислоши на Миа, па ја разладувавме, ама главно беше сѐ како што треба“, ни изјави Панчо. 

Интересно е дека и ова видео Панчо и Андреј го работеа со режисерот Даниел Јовески, кој вели дека се потрудил самата приказна да го следи текстот од оваа емотивна композиција. 

„Приказната на песната и спотот ни ја опишува осаменоста помеѓу четири ѕида, прогонувањето на спомените од минатото. Спомените се уште посилни кога се ставени на фотографија, фотографии преку кои Панчо патува низ сеќавањата, во времето кога биле среќни со саканата“, открива Јовески. 

Кадрите се снимени на луксузни локации во Турција, освен во хотелот, снимано е и во стариот град во Сиде. Освен Миа Костова, глуми и туристичкиот водич Хаки Алан. За шминката, пак, се погрижи Александра Азманова. 

„Околу приказната на текстот и не би имал што да додадам, ќе го прочитате и вие и самите, ќе си го протолкувате. Затоа е и напишана, не би било во ред да кажам дали е со посвета и кому е посветен. Штом сум го напишал, сум го напишал сигурно од душа. Милион луѓе ќе се пронајдат во приказната на овој или на овој начин“, додаде Панчо. 

„Навистина веруваме во оваа тема и веруваме дека многумина ќе се пронајдат во стиховите“, изјави Андреј. 

М.Џ.