Не помислив да се откажам: Марко Пејчиноски по втор пат ќе го преплива Охридското езеро

Добивај вести на Viber

Марко Пејчиноски (13) од Охрид денеска по втор пат ќе се обиде да направи пливачки подвиг. Марко е подготвен да исплива ултра маратон долг 64 километри, од Охрид до Свети Наум до Струга и назад до Охрид, во знак на поддршка на лицата со ретки болести.

За оваа своја желба, Марко најави уште во февруари на манифестацијата Златна Бубамара на популарноста каде што доби награда за херој на годината.

Маратонот почнува во 15 часот од кај Градското пристаниште во Охрид, а предвидено е да заврши утревечер на истото место.  Како парична помош за лицата со ретки болести, на охридското пристаниште ќе се продаваат маички во бела и во црна боја по цена од 300 денари. Продажниот штанд ќе биде поставен утре. 

Лани, на празникот Голема Богородица Марко за прв пат го преплива Охридското езеро. И покрај здравствените проблеми, некроза на коска на долните екстремитети, ништо не го спречи да си го оствари сонот. Марко помина осум часа во езерото, од Свети Наум до градското пристаниште. Младиот херој беше пречекан од голем број сограѓани и стана пример за упорност и неизмерна желба за постигнување на саканата цел. За Женски магазин ,Марко изјави дека повторно би се нафатил на истиот предизвик.

„ Кога почнав да пливам водата беше многу студена. Но, ниту еден момент не помислив да се откажам. Додека пливав ми студеше и си мислев како да си олеснам. Си реков дека како што пливам, ќе ми станува сѐ потопло и потопло. Така и беше“, ни изјави храбриот пливач лани.