Некој на шопинг, некој на протест: Како се слави Осми март во Скопје во време на пандемија (ГАЛЕРИЈА)

Празникот Осми март, Меѓународниот ден на жената, години наназад кај нас, но и во регионот потсетуваше на жени како брзаат на фризер, на шминкер, на шопинг. 

 Атмосферата беше еуфорична и слична како за Нова година, барем за оние жени кои си немаа уплатено осмомартовско патување и остануваа дома за празникот. 


Агендата на речиси сите им беше слична- свечени ручеци, вечери со пријателките или колешките во некој од рестораните. Ручекот се претвараше во вечера, а а вечерите траеа до рано наутро.

Во време на пандемија, Осми март во Скопје изгледа далеку поскромно. Сликите кои денес ги видовме во центарот на градот, нè вратија во времето кога Осми март беше празник на мајките, на бабите, на тетките и на учителките, кога цвеќето беше главен, и често единствен подарок. Продавниците и моловите и денеска беа полни, но далеку од она на што бевме навикнати да го гледаме претходно. 


Додека едните шетаа низ Скопје со ружи во рацете, други избраа сосема поинаку да го одбележат овој ден . 

Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права денеска организираа „Марш за женски права“,  по повод Меѓународниот ден на жената,

Протестот се одржа под слоганот: „Држава што не постапува е држава што силува“, и е поттикнат од случајот „Јавна Соба“.


Протестот започна во 15:00 часот пред министерството за внатрешни работи и заврши пред Паркот Жена Борец. „Ако не ги казнувате силувачите, вие сте силувач“, „Отпор“, „Зошто ли остана насилникот на слобода“, беа дел од пораките испишани на транспарентите.

Учесничките на протестот упатија порака дека жените не можат да бидат слободни, додека уште се борат за достоинство, почит и за работнички права.


(М.Џ.) Фото: В.Тануровски