Ново истражување потврди: Неконтролираното солење на храната го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања за 20%
Студијата спроведена во Велика Британија покажа дека со намалување на количината на сол што ја додаваме во нашите оброци, можеме да го намалиме ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар за една петтина.
Резултатите од ова истражување покажаа дека луѓето кои никогаш не додаваат сол во оброците имаат 18 отсто помали шанси да развијат срцева болест што предизвикува неправилно и често ненормално брзо отчукување на срцето (атријална фибрилација), што може да доведе до отежнато дишење, вртоглавица и замор.
Во Велика Британија бројот на пациенти со атријална фибрилација се зголемил за дури 50 отсто, на еден милион луѓе, пренесува РТС.
Д-р Јун Јунг Парк од Националната универзитетска болница во Јужна Кореја вели дека нивната студија недвосмислено покажала дека помалата фреквенција на додавање сол во храната е поврзана со намален ризик од атријална фибрилација.
Истражувањето користело податоци од британската Биобанка и анализирало 500.000 луѓе помеѓу 40 и 70 години помеѓу 2006 и 2010 година. Луѓето кои веќе имале атријална фибрилација, срцев удар, мозочен удар или други коронарни заболувања беа исклучени од студијата.
Секој испитаник одговарал на прашања за тоа колку често ја солат храната, а понудените одговори биле „никогаш-ретко“, „понекогаш“, „често“ и „секогаш“. Истражувачите ја следеле нивната состојба 11 години.
Луѓето кои не ја солеле храната имале 18 отсто помали шанси да заболат од атријална фибрилација. Оние кои понекогаш додавале сол имале 15 отсто помали шанси.