Од Норвешка до Австралија: Македонски манекенки кои се отселија од државата

И покрај креативната сила на поединци, македонската модна сцена со години е на стаклени нозе. Презирот кон домашниот дизајн, но особено односот кон убавиците кои истиот го презентираат, уште од поодамна натера многу наши манекенки, некои од нив и убавици со титула, да купат билет во еден правец и засекогаш да заминат од државата.

Веројатно малкумина се сеќаваат на охриѓанката Милена Пројкоска која имаше само 17 години кога беше избрана за Мис на Македонија во 2002 година на шоуто што го организираше ревијата „Екран“. 

Оваа наша убавица со титула во тоа време беше едно од најангажираните лица во спотови и рекламни кампањи. Пројкоска одмана е веќе Ѓурковиќ. Се омажи во Нови Сад и има две деца, а од неодамна со семејството се пресели во Лилехамер, Норвешка.

Уште една позната Македонка која во потрага по подобар живот замина далеку од дома е и поранешната манекенка Маја Лазаревска. 

Со нејзиниот сопруг, кошаркарот Дарко Станимировиќ, во 2014 година одлучија да се преселат во Австралија. Пет години подоцна имаат постојан престој и како што напиша Маја во еден статус, сега им е многу полесно и светот им е на дланка.

Билјана Ѓоргиовска-Анѓушев беше една од нашите најангажирани модели на ревиите и во рекламните кампањи. Многумина ја препознаваа и како заштитно лице на ТВ-проектот „Мојата свадба“. Амбициозна млада жена која подоцна отвори и свое модно атеље каде што се облекуваа многу наши познати личности.

Сепак, тоа не беше доволно да остане овде. Билјана пред четири години со сопругот замина во САД.

- Живееме во северниот дел на Њу Џерси. Сопругот Кире има своја американска компанија специјализирана за дигитален маркетинг, адвертајзинг и ИТ која во основа е надградба на способностите,  искуството и  технологијата користени во македонската технолошка компанија чиј основач е. И јас сум дел од тимот. Им помагам со копирајтингот, формирање на содржините на сајтовите, објавите на социјалните медиуми како платформа на бизнисите да се доближат до повеќе клиенти и настани - ни раскажа Ѓоргиовска-Анѓушев во претходно интервју.

Поранешната Мис на Македонија, Стефани Борсова-Стојановиќ, веќе седум години живее во српскиот град Сремска Митровица. 

Со нејзиниот сопруг Александар имаат слаткарница која ја отворија пред неколку години, а од неодамна се сопственици и на кафе-бар. 

Двојката има две деца, петгодишниот син Стефан и ќерката Александра која се роди минатиот месец.

Ѓ.С.