Одмор со поглед кон океанот на 18 кат: Татјана и Новица со синовите уживаат во најпознатото туристичко место во Австралија

Фолк-пејачите Татјана Лазаревска и Новица Василевски со синовите Стефан и Петар, одмараат во едно од најпопуларните туристички места во Австралија, „Gold Coast“, поточно „Surfers Paradise“.

Лазаревска и Василевски од 2015 година живеат во Мелбурн, и решиле да се одморат од зимата за која фолк-пејачката вели дека била здодевна во местото каде што живеат.

- Овде ни е многу убаво. Одмараме, пливаме, шетаме, се дружиме со пријатели што живеат овде како на пример Јове Жабарот и Дарко Мијалковски кои живеат во Бризбејн, кој е на еден час возење од тука“, ни раскажа Татјана.

- Зимите во Мелбурн знаат да бидат многу ладни, со сув студ... Во близината има и места со снег, така да многу е слично како кај нас,  додека пак овде е многу потопло и во зима. Да речеме сега сме во пролетен период и температуриве овде се околу 20 до 25 степени. Доволно за пливање во океан“, раслкажа Татјана.

Таа е многу задоволна од сместувањето и вели дека и на неа и на сопругот им е потребен одмор по серијата настапи кои ги имаа изминатиов период.

- Има прекрасен поглед од апартманот кој е на 18 кат. Инаку, зградава има 41 кат“, додава фолк пејачката.

Татјана, Новица и синовите завчера биле во Бризбејн, каде што заедно со познатиот музичар Дарко Мијалковски кој од неодамна со семејството живее во Австралија, го прославиле роденденот на пријателот Јове Жабар, познат скопски угостител.

Во 2020 година, фолк-пејачите се вселија во нова куќа во Мелбурн. Тогаш беа поминати пет години откако се преселија во Австралија, и ни изјавија дека се среќни што живеат во сопствен дом.

„Претходната куќа која ја изнајмувавме беше многу блиску до оваа. Како и секаде во светот, ако работиш ќе можеш да си дозволиш некои нормални задоволства, само што овде има малку подобри можности и услови за живот“, ни изјави Татјана. 

Таа и семејството избрале симболичен датуми за вселување и осветување на новата куќа.

- Куќата ја купивме на средината на декември во 2019 година, а се вселивме на 14 јануари, на Василица. На 20 јануари ја осветувавме, а тоа е денот кога пред точно 5 години слетавме и се преселивме во Австралија. Што се однесува до уредување на домот тоа спонтано го правиме сите заедно со децата и пополека. Нашата куќа е секогаш полна со добри и позитивни луѓе, а посебно колегите од Македонија, кои секогаш сакаме да ги удостоиме со убава седенка и дружба. За мезето е речиси секогаш задолжен Новица кој морам да признаам дека одлично се снаоѓа во кујната (дури подобро од мене), хахаха“, ни напиша Татјана од Мебурн пред пандемијата.

М.Џаровска