Последните 500 денари му ги дадов на Љупче, да му купи млеко на Андреј: Интервју со Оливера Петрушевска, водителката на „Срце на дланка“

Приказната на малиот Андреј од Штип, чиј татко Љупче раскажа дека го храни со вода и со шеќер затоа што нема пари да му купи млеко, ја трогна целата јавност. Откако Оливера Петрушевска и екипата на емисијата „Срце на дланка“ ја раскажаа тажната судбина на таткото и на синот, нивната приказна се заврши со среќен крај: работа за Љупче, градинка за Андреј, нов стан и помош од многу граѓани и институции. Но, она што Оливера го прикажува во „Срце на дланка“ не се само Андреј и Љупче. Последниве шест месеци, додека се среќава со разни човечки судбини, таа вели дека ги голта солзите и се доплакува дома. Тоа што има двегодишен син и шестгодишна ќерка, уште повеќе ѝ помага целосно да се внесе во проектот кој со љубов го работи. Оваа млада жена е светол пример дека кога се сака, сè се може, а нејзината емпатија кон тажните судбини, мотивирачки делува на многу луѓе кои се подготвени да помогнат. Оливера за „Женски магазин“ раскажа што се случува зад камерите на „Срце на дланка“, но за и многу нејзини, лични нешта. 

*Како настана идејата за овој оригнален концепт на емисијата „Срце на дланка“, од каде мотивот да се направи еден таков проект?

-Отсекогаш сум била емпатична и жалостива кон туѓите судбини. Кога ќе сум видела некоја тажна сторија на вести или на интернет со денови не сум можела да спијам. Никогаш не претпоставував дека некогаш ќе водам проект со кој ќе ги менувам на подобро човечките животи.

Конкурирав лани летото со еден забавен проект, испратив пилот емисија во Алфа ТВ и во моментот кога требаше да добијам одговор дали проектот е одобрен или не, програмскиот уредник на Алфа ТВ ми рече: "Во моментов за такво нешто не сме заинтересирани, но, со директорот би сакале да водиш наша емисија која наскоро ќе почне, дојди утре да ти објасниме. Не ни претпоставував каков проект е, но ми создаде милион мисли таа вечер. Едвај чекав да се раздени и да отидам на закажаниот состанок. Ми објаснија, и во тој момент само си реков. Од мене се бара многу, нема да биде лесно, но, јас сум подготвена за овој предизвик и ќе ги направам луѓето среќни. Се запознав со тимот со кој веќе дишеме ко едно. И веќе 6 месеци ги цедиме нивните емоции на дланка, но и изнудуваме насмевки на нивните лица.


*Одите насекаде низ Македонија, слушате секакви човечки приказни, како ги пронаоѓате тие семејства, како слушате за нив?

-За тоа е задолжен извршниот продуцент на „Срце на дланка“. На, самиот старт имаше пронајдено десетици семејства кои имаат различен животен проблем и почнавме со нив. Денес е полесно. Веќе не препознаваат, сами се пријавуваат телефонски или на социјалните мрежи, често и по препорака, ако некој има сосед во загрижувачка состојба знае да го пријави. Секогаш различно, но, за жал ги има многу што немаат удобен и среќен живот.

*Дали можеби некоја ваша лична приказна, или приказна на некој ваш близок ве инспирирала да помагате на овие семејства?

-Отсекогаш сум имала вишок емпатија во себе. Паметам од дете не сум сакала да гледам тажни луѓе. Па, на жената што чистеше скали во зградата ќе и соберев мои алишта за да им однесе на ќерките. Низ годините наназад донирав облека на загрозени семејства. Се случило и тазе купен сендвич на куче скитник да му го дадам, само да не е гладно. Се чувствував пресреќна после секој мој хуман гест. Поголема за двапати од претходно. Горда. Но, не ни претпоставував дека некогаш таа моја хумана страна некој ќе ја препознае и ќе ме повика да водам ваков социјален проект. Мислам дека претпоставените не згрешија (хаххаа), а, јас нема ги разочарам.

*Можете ли да издвоите една или неколку, за вас лично најемотивни приказни кои се прикажани во „Срце на дланка“?

-Уххххх. Тешко прашање. Секоја приказна е жална и трагична на свој начин. Но, најмногу плачев над трагичната судбина на Ирена Танчева од Струмица. Мајка која е врзана за кревет после тешка сообраќајна незгода и неможе ни децата да си ги прегрне. Еве и во моментов очите ми се насолзуваат. Плачев додека ја снимавме, плачев додека ја подготвував и монтирав. Често кога одам на монтажа ќе му речам на монтажерот: „Кизо, ти не знаеш колку жална приказна имаме денес“. А, тој ми вели, откако ја изнаплакавме Ирена, веќе солзи немам во мене. Жално... Прежално. Ако ништо друго, емисијава ме научи колку треба да му се радувам на животот, зашто е прекраток и незнаеш што ти носи новиот ден.

*Што правите кога  емоции ќе ве надвладеат, а треба да останете цврста пред камерата и пред гледачите? Во моментите кога вашите соговорници се расплакуваат дали и на вас ви навираат солзи?

-Кој и да е на мое место кога ќе надвладеат емоциите неможе да остане рамнодушен. Освен ако е камен. Плачам. Голтам солзи.. Се соживувам со нивната мака. Колку пати сум сакала да го прекинам снимањето за да си дојдам на себе. Но, така би се изгубила вистинската емоција и мислата на соговорникот. Па, дома си се доплакувам. Со екипата на враќање кон дома раскажуваме впечатоци. И во автомобил ги жалиме, коментираме и плачеме. После неколку денови ми требаат за да заборавам и да дојдам на себе. Имало снимања после кои сум морала да пијам и апче за глава. Па, за некој ден пак сè одново.

*Како се одвиваат снимањата, со кој интензитет, колку често сте на терен, и дали ве плашат контактите со повеќе луѓе во овие пандемски услови?

-Од самиот почеток, снимањето го правиме под протокол, на дистанца и со маски. Често снимаме и во двор на отворено, а ако не дозволуваат условите, снимателите само ќе наместат камери и јас сум сама во просторијата со соговорникот. Но, пак на потребната дистанца.

Неделно снимаме по две стории на терен, останатите денови ги подготвувам приказните што треба да се емитуваат премиерно во недела. Еден ден ги пишувам, обработувам и монтирам истите. А, еден ден одам во студио и снимам најави за сториите. Цела недела сум во духот на „Срце на дланка“. Но, ништо не ми е тешко. Уживам додека работам, а уживам додека го гледам сработеното. А, најмногу уживам откога ќе помине емитувањето и ќе дознаам дека добри луѓе и институции помогнале на семејствата. Тогаш сум најбогата на свет. Што јас сум причината што некој таа вечер ќе спие мирно и среќно. Во нов дом со полна трпеза.


*Сите медиуми ја пренесоа веста за малиот Андреј и за неговиот татко Љупче од Штип која ја трогна јавноста, а сепак како што ми рековте во претходен разговор ќе се заврши со среќен крај. Што е ново во оваа приказна?

-Пред две недели кога тргнавме во Штип кај Љупче, не ни претпоставував дека неговата судбина ќе дигне толкава прашина. Иако, Љупче беше горд и прибран на снимањето, јас не бев толку јака. И него го исплакав. Можеби затоа што имам син на возраст колку и неговиот син Андреј, па, ми падна многу тешко. Си реков како би му било на моето дете да живее во 8 квадратни метри, без пелени и храна. Зарем децата се должни да страдаат. Тие чисти и невини души. После снимањето без никој да ме види ги извадив последните 500 денари од џеб и му ги стуткав во рака. Реков земи купи му млеко на Андреј. Не можам да ви го опишам погледот на Љупче. Тој чист и благодарен поглед од човек упатен кон мене ќе го памтам додека сум жива. Му пишав на еден пријател од Штип кој живее во Англија за ситуацијата на Љупче, рече се што може ќе направи, ќе организира. И така почна да се менува неговиот живот. На интернет, сторијата зема замав, а ние на телефонскиот број не можевме ни да постигнеме да одговориме. Над 1000 повици имаше за неколку саати. Веќе следниот ден ме израдуваа слики што и јавноста ги знае, а мене Љупче ми ги испраќаше во секоја минута на месинџер. Се што доби, се ми кажа. Дури знам и дека дел подари на семејства кои сега немаат. Ми напиша: утре малиот трга во градинка, а јас на работа“. Ми прати и слики од уредената соба која јас не ја препознав, а, пред 2 недели снимав таму. Обелена, искречена, со нов мебел и што е најважно Љупче и Андреј беа со сонце во очите и бесконечност во насмевката. Последно ми напиша: „Ќе видиш како ќе го уредам новиот стан“. Вечерта неможев од радост да заспијам. Се радував исто како за себе. Помогнав на едно семејство и горда сум поради тоа. Јас сум причина што едно семејство од денес ќе живее поубаво. 

*Какво дете е Андреј, како помина вашата средба со него?

-Додека снимав со Љупче, Андреј беше надвор со дедо му и заспал во количката. Спиеше на промаја непокриен. Побарав ќебенце да го покријам. Не издржав го земав и го прегрнав. Андреј ми возврати иако ме гледа првпат во животот. Но, имаше некаква тага во неговите мали очиња. Денес, сум горда што таа тага повеќе не постои и неговите очи само ќе се смеат.


*Општо, како децата реагираат кога ќе ги посетите, има ли некоја чиста детска реакција што нема да ја заборавите по примањето на подароците и во текот на снимањето?

-Ах, децата. Тие ми се најболна точка. Тешко ми е кога влегувам во ладна, а преполна со чад просторија, додека таткото се труди да го потпали шпоретот со гранки и прачки што ги збирал претходниот ден.

Тешко ми е кога гледам како им даваат само суво лепче од пред една недела, а тие, душички го тегнат и џвакаат во текот на целото снимање. Или кога ќе им дадеме некое мече. Па, ќе ми речат, мечето ќе го викаме Срце на дланка. Или последно што се сеќавам кога му отворив бисквитчиња на малиот Андреј. Првпат видов бебе да изеде толку бисквити. Мислам дека дирекно ги проголтува од што беше гладно детето. Веројатно претходно татко му немал услови да му купи. Па тогаш му дојдоа како вистинска посластица. Децата се прекрасни, невини и чисти. И воопшто не се виновни што се родени во такви услови. Тие не одлучуваат дали и каде ќе се родат, ама и тoa како заслужуваат да бидат згрижени, нахранети и среќни. Децата се нашата иднина. Иднината на овa општество. На нив останува светот.

*Вашата приказна за Андреј и Љупче е светол пример, успеавте ли да ја разбудите свеста кај институциите и кај луѓето и за други семејства на коишто им е потребна помош?

-И, претходно имавме прикажано потресни стории.. Самохрани родители, гладни деца, тешки животи. Но, јавноста најмногу трзна кај Љупче од Штип. Тој беше причината која ја дигна јавноста на нозе и ги обедини сите. Не сплоти и покажа дека кога сакаме можеме и планини да поместиме. Исто и кај Анче Стојова. Девојката која нема стапало, растела во дом, а денес нема за леб и основни услови за живот. Немаше! Благодарение на совесните луѓе, таа веќе има работа, отпишани долгови за станот и живее нов живот. И за неа и за сите претходни и наредни семејства само ќе кажам „Слава ти Господе“! Ми докажа дека сè уште постојат добри луѓе во земјава. Луѓето сакаат да помогнат, а нашето малку некому може да значи сѐ! 


*Имате две деца, ќерка и син, како ги воспитувате, како најквалитетно го поминувате времето заедно?

-Да, имам семејство, мажена сум, и имам прекрасен сопруг кој ми дава поддршка за ова што го работам и го надополнува моето место кога често сум отсутна од дома. Имам две деца, Лана 6 и Иан 2 години. Кога се договаравме со директорот на Алфа ТВ на почетокот на проектот ме праша дали имам семејство. Реков да, две мали деца. Рече одлично. Уште поубаво ќе се внесеш во емисијата зашто веќе го имаш почувствувано мајчинството и ги знаеш семејните вредности. Тогаш не му беше јасно што ми зборува, но уште при првото снимање разбрав. Секогаш го споредувам животот на тие деца со животот на моите. И, викам моите деца денес ќе легнат сити и во топла и чиста постела. А овие?! Тоа ми дава уште поголем мотив да направам добра сторија и да им помогнеме колку што може повеќе.

*Каква е Оливера приватно, што ве исполнува и ве радува кога не работите?

- Хаххаа. Кога маж ми ги прочита прашањата, ми рече, баш ме интересира како ќе одговориш на последното прашање. Зашто нема период од денот, од неделата кога јас не работам. И тоа е така веќе со децении. Уживам додека работам. Јас сум професор по македонски и турски јазик и веќе 10 години сум вклучена во образование, каде пак на свој начин оплеменувам и менувам човечки судбини учејќи ги учениците на вредностите во животот. Ова со „Срце на дланка“, ми дојде како дополнување.

Работам и во Клуб ФМ радио , имам своја емисија секој ден од 12 - 14ч на 103.4. Снимам реклами, читам книги, истражувам, запознавам и го осознавам светот. Тоа ме прави среќна. Многупати Кизо (монтажерот на емисијата) низ смеа ми рекол: „Ќе те избркаат од дома, повеќе те нема, отколку што те има“. Фала му на Господ, тие што ме знаат, знаат дека уживам во работата и ми дозволуваат да го работам тоа што го сакам. А, ме исполнува дружењето. Имам мал круг пријатели, кои ќе останат пријатели за цел живот и кои ме охрабруваат и поддржуваат во ова што го работам. Ме исполнува шетањето низ Европа. Пред пандемијата и во тоа уживав со најблиските. Се надевам дека сето ова набрзо ќе заврши и слободно сите заедно ќе менуваме човечки судбини и ќе ги правиме нивните животи среќни.


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива