Празник кога се потсетуваме дека во животот постојат чуда: Сања Савеска велигденски за Женски магазин

Велигден е значаен празник за многумина, а посебно место денешниов ден има и во срцето на Сања Савеска. Од неодамна ја гледаме во „Брза кујна“ , улога во која одлично се снајде, а денеска Велигденски, Сања открива како и поминуваат празниците, што и било најинтересно како мала, дали вапсува јајца...

Велигден е празник кој има посебно место во моето срце, ден кога се потсетуваме дека во животот постојат чуда, ден кога светлината се населува во нас, и потврдуваме дека со верба во Бога се е возможно. Дефинитивно за мене еден од најзначајните празници, денови кога сплотени со семејството и најблиските го славиме Христовото воскресение. На Велигден завршуваат и седум неделните пости, кои и оваа година со мир и спокој во душата ги завршив, па на свечен велигденски ручек заедно со најблиските ќе го прославам Велигден.

*Кој во твоето семејство е задолжен за вапсување јајца, дали уживаш во таа техника или пак го оставаш тој дел на твоите најблиски?

Мајка ми е таа која секогаш се труди да ги задржиме сите обичаи поврзани со сите христијански празници, па токму од неа и јас се трудам да ги почитувам и негувам истите. Во семејниот дом таа ги вапсува додека во домот на моето момче и јас бојадисувам велигденски јајца  и вистински уживам и сум среќна кога ќе ги споделам со моите блиски. Исто така, подеднакво се трудам да ја создадам празничната атмосфера во нашите домови, која дефинитивно делува убаво кај сите нас.


*Што ти беше најинтересно како мала од велигденските обичаи?

Чие јајце ќе биде најјако, има ли дете кое не се радува и не го чува со внимава своето најсилно јајце (се смее). Ги сакам сите тие радосни моменти од детството и со љубов се сеќавам на нив, како на одењето кај бабите по јајца така и на бањањето со првото црвено велигденско јајце.

*Твоја порака до читателите на Женски магазин за Велигден

Нека светлината на овој празник биде поттик во своите срца да ја всадиме љубовта и радоста, да се почитуваат повеќе вистинските вредности кои за жал се заменија со материјалните. Да ја побараме вистинската радост во чистата душа и емпатијата. Кога имаме љубов и радост во нашите срца можеме да победиме сѐ. Од омраза и завист никој не се усреќил во животот.


*Од неодамна ја водиш емисијата „Брза кујна“. Како се снаоѓаш на новото работно место, колку те исполнува ?

Одлично! Конечно ја добив работата и тимот за која мислев дека овде кај нас нема да ги пронајдам. Емисијата се подготвува во високо професионални услови, со тим кој одлично функционира, а јас бев навистина брзо прифатена од нив но и од публиката. Морам да признаам дека со нетрпение го очекувам секое следно снимање и вистински уживам во оваа улога.


*Како ти поминуваат деновите во пандемијава, што ти дава сила и мотив да истраеш во новото „нормално“ ?

По природа сум личност која не сака многи гужви и сакам по работните обврски да сум подалеку од градскиот метеж, па дистанцата и почитувањето на препораките лесно ги ставив во своето секојдневие.Сега што поради пандемијата, што поради “Брза кујна “ многу повеќе време поминувам во кујна и уживам вистински. Најтешко ми падна ограничувањето на слободни прегратки на своите внуци, кои се мојот природен извор на енергија. Но, љубовта кон сите мои блиски, истовремено ми создаде страв да не бидам јас причина за нивна зараза, па се што можам да направам, правам за да ги заштитам. И верувам дека само со колективна свест и одговорност ќе ја победиме оваа безмилосна пандемија. 


И.Ставрова