Пред 20 години никој не ја знаеше, сега свадба не поминува без неа: Приказната за „Розо моја“

Песната „Розо моја“ стана синоним за добро расположение. Рефренот премиерно е отпеан на фестивалот „Тетовски филиграни“ во 1996 година, но стана хит дури пред неколку години. Пред две децении никој не ја знаеше, а сега оваа композиција во еден глас се пее на речиси секоја свадба. Интересен е и моментот што Ибуш Ибраимоски прво одбил да ја сними нумерата што му ја одбележа кариерата.

- Во меѓувреме, композицијата им била понудена на уште двајца мои колеги, но не прифатиле да ја отпеат. По некоја чудна коинциденција повторно стигна до мене. Ја преслушав уште еднаш и ме „уби“ текстот на Огнен Неделковски, кој одлично прилегаше на музиката на Тоде Спасовски. Ја снимив и решив со неа да настапам на фестивал. И таму наидов на некој чуден отпор. По првото пребројување на гласовите, завршив на петтата позиција. Но, откако брат ми, кој беше дел од мојот бенд, иницира повторно пребројување на гласовите, излезе на виделина фактот дека сум оштетен. Грешката се исправи и ја делев првата награда - откри Ибраимоски.

По победата, песната останала незабележана од публиката и од медиумите. Дури пред десет години се нашла во конкуренција за „Хит на деценијата“, а на Ибуш му е особено мило што сега на своите концерти често ја пеат српските ѕвезди Харис Џиновиќ и групата „Амадаеус“.


Во 2016 година „Розо моја“ конечно доби и видеозапис, дело на „ИН продукција“. Спотот во кој главната улога ја игра ќерката на близок пријател на Ибраимоски се снимаше во стариот дел на Охрид, црквата Свети Ѓорѓија и во познат скопски ресторан.

- На мојата последна турнеја во Австралија лично се уверив дека „Розо моја“ е една од најпопуларните македонски песни. Редовно добивам покани за гостување на свадби и други веселби и едноставно мораше да биде документирана со видео - раскажа Ибуш на промоцијата.

Последниве години пејачот беше фокусиран на проект со руско-цигански романси со групата „Романо мерако“. Станува збор за автентичен, исклучиво акустичен звук кој е замислен како интимен преформанс со впечатливи костуми.

Ѓ.С.