Приказната на урнебесните „Солза и Смеа“: 25 години постоење и многу незаборавни моменти

Тие ни внесуваат хумор во домот преку телевизиските серии и скечеви, нивните реплики уште долго после претставите ги прераскажуваме и што е најважно, не смеат до солзи. Приватниот театар Солза и смеа одбележа 25 години постоење.

Како вчера да беше се сеќавам за време на средношколските денови во Битола, се одржуваа аудиции за нивните претстави и беше еден вид на престиж да “те одберат”.Уште од првите години на нивното постоење стекнаа препознатливост и голем број на публика, која со текот на години се повеќе се зголемуваше каде и да настапуваа.

Со неколку падови и воздигнувања, и неколку променети жанрови, низ Солза и Смеа поминаа неколку генерации на актери кои денес професионално се занимаваат со актерство низ театрите во Македонија.

Насочени кон комедијата како жанр, односно урнебесната комедија која членовите на Солза и смеа ја негуваат во сите свои претстави во Македонија, како и на фестивали во странство, каде освоиле голем број на награди и признанија.

Солза и смеа денес одбележуваат 25 години постоење, а за тоа како започна се, поразговаравме со еден од основачите Александар Димитровски (кој е професионален актер и е дел од неколку претстави во Битолскиот театар).

А.Д. Чувството е како да имате дете, се раѓа, го пуштате во прво одделение, па во средно, факултет и сега сме стигнати до венчавки па чекате внучињаJ. 25 години, голем дел од мојот живот, всушност Солза и смеа е мојот живот.

Да започнеме од почеток, како започна се?

А.Д. Тоа беше далечната 1996 година кога јас и моите пријатели Дејан Пројковски, Зоран Талевски и Пеце Ристевски се одлучивме да основаме драмска група која ја нарековме Солза и смеа.Првата претстава беше Лонг Плеј од Горан Стефановски, во режија на Пројковски.Премиерата беше на 7 ми февруари, 1996 во Центарот за култура Битола.

Еден од основачите Зоран Талевски на својот фејсбук профил напиша: 25години љубов, пожртвуваност, а се почна како една игра.Среќен роденден Солза и смеа.


Започнаа со 14 членови, а потоа бројката се менуваше.

А.Д.  -Сакам да истакнам дека голем дел од членовите на Солза и смеа, денес се познати актери, режисери, камермани, доктори. Денешната екипа ја сочинуваат: Никола Тргачевски, Валентина Кожовска, Димитар Михајловски, Стојанче Јанковски, нашиот камерман Александар Котевски и Мими Марковски од Гимел студио, кој во последните претстави игра, но е задолжен и за звукот и музиката.

Позади нив се 90 премиери.

А.Д. -Морам да ја споменам и бројката на над 700 изведби.Тука се Лонг Плеј, Галеб, Солунски Патрдии, Рибарски караници, Од кол на кол, Тројца зетој за Нада, Златна бубашваба (10 делови) и многу други.

Покрај претставите Солза и смеа се препознатливи по телевизиските скечеви, серии, но и филмските проекти.

А.Д. -Да точно така.Со снимање на скечевите започнавме во септември 2009 тата година и досега имаме снимено над 700 скечеви.Имаме  137.000 следбеници на Youtube, со над 150.000 прегледи. Освен тоа сме снимиле и многу реклами.

Кога сме кај сериите тука и нашиот најнов телевизиски проект Непријател, серија од 10 епизоди која заврши со емитување на 24тв. Голем предизвик, снимана е за време на пандемијата, се работеше цела година на неа и е прекрасн искуство за нас. Оние кои не ја погледнале на телевизија, може да ја најдат на нашиот Youtube канал. Вреди да се погледне, вложивме навистина многу труд, а ја работевме со минимални средства како и се досега.

Серијата е снимена во Битола и битолско, покрај стандардната екипа на театарот „Солза и Смеа“ се појавуваат и некои од постарите членови, голем број на актери од Народниот театар во Битола, како и неколку јавни фаци од битолската сцена.

Марија меси кифлиња беше една од песните која екипата на Солза и смеа ја ставија на својот репертоар, а заради нејзината комична содржина, Саше вели ја знаат и птиците на гранка.Вкупно имаат снимено 11 песни.

А.Д. -Покрај сите овие проекти снимивме и два долгометражни филмови: Патот до кенгурите, сниман со Анета и група Молика, вториот е Умри машки, производ на Солза и смеа.

Спомена дека за време на пандемијата работевте по строги заштитни мерки на снимањето на Непријател. Како цела таа ситуација влијаеше на вас?

А.Д. -Ке се изразам на битолски-пандемијата не отепаJ. Цела година немаме ни една претстава.Во летото имавме обид за претстава, но сето тоа помина незабележано. Не сакам да се жалам, но навистина сме оставени на милост и немилост. Во секој случај ние сме позитивци сме поминале многу, ќе помине и ова.

Започнавте како драмска група, а денес прераснавте во приватен театар.Колку е лесно или тешко, денес да се одржи една таква сцена во Македонија? Со кои предизвици се соочувате?

А.Д. -Многу е тешко. На апарати сме, не функционираме.Или така да се изразам-на механичка вентилација сме. Во секој случај ни треба поддршка.

Солза и смеа своите претстави ги презентираа во повеќе земји низ светот. Дочекувани секаде со бурни аплаузи, публика која едвај чека да го чуе македонскиот јазик, да се насмее на битолскиот дијалект.

А.Д. -Тие турнеи беа нашите издувни вентили. Три пати бевме во Австралија, два пати во Америка, Канада, Швајцарија, Германија, Бугарија.

Публиката се смее до солзи на вашите претстави и со нетрпение ја очекува секоја наредна. Што би си посакал за јубилејот на Солза и смеа?

А.Д. -Би сакал да не пуштат да работиме, да се вратиме на сцената таму каде што припаѓаме. И да, некој да се сети на нас, на независната сцена, дека ние сами се финансиравме, дека никогап не сме барале од државата средства, а сме давале многу. Посакувам да не се дозволи после постоење од 25 години, да снема една убава приказна, нашата убавица Солза и смеа.

Низ овој театар како што Саше напомена, поминале голем број на членови, а дел од оние кои се од самите почетоци дел од Солза и смеа се и Валентина Кожовска и Никола Тргачевски Кумба.

В.К.-Солза и смеа за мене е втор дом, катче исполнето со најубавите моменти од мојот живот.
На што Никола ќе додаде- Солза и Смеа за мене значи многу повеќе од работно место, многу повеќе од кариера или хоби, многу повеќе од популарност и слава. Солза и Смеа е местото каде културно се издигнав, местото каде ја засакав уметноста и се одлучив да ја практикувам и студирам, местото кое ме претвори од анксиозен тинејџер во комуникативен и дружељубив екстроверт, местото кое ме научи на издржливост, трпение, импровизација, позитивен дух, снаодливост и среќа. Значи и работно место и дом, значи и колегиум и фамилија, значи и нервоза и задоволство... А со еден збор? Значи - љубов!

Се присетивме со нив за нивните почетоци.

В.К.- Започнав во 2007.Прво продавав влезници за претставите,а потоа  членовите на Солза и смеа така да кажам ме уценијаJ, да бидам дел од претставите. Ми кажаа-ако сакаш да дојдеш во Австралија ќе мораш да бидеш дел од сцената и така прифативJ.

Во 2011 првата претстава во која играв беше Една куќа улај луѓе, а потоа почнав да бидам дел од скечевите. Има многу претстави и ликови кои ми се драги, но сепак би ја издвоила улогата на Мица во претставата-Ако се вајчаш, вати се за...

Тука е и улогата на Непознатиот во Ивкова слава и многу други.

Н.Т.- Моите почетоци беа сосема случајни, во еден период додека учев во средното медицинско училиште „Јован Калаузи“ во Битола, како средношколец, а пред се човек вљубен во уметноста, гледајќи секоја слободна минута на училиште да ја потрошам за да напишам некоја сцена од драмски текст кој го измислив и се борев сценски да се постави во просториите на училиштето. По препорака на професорката  по математика, гости на премиерата ни беа дечките од Солза и Смеа кои веднаш после настапот ни закажаа аудиција за нови членови каде започна и мојата приказна со Солза и Смеа, точно на 13 Февруари 2007 година. Потоа се натаму беше борба и “слатка болка“ се до вистинското уживање - премиерата, чувство кое кога ќе го осетиш првиот пат едноставно не сакаш да сопре.

А во врска со тоакоја претстава или улога би ја издвоил, секогаш бегам од прашањето, а секогаш толку брзо ме стигнува во секое интервју и секоја прилика. Навистина не можам да се одлучам за фаворит, затоа што улогата за мене е предизвик - „да живееш во туѓа кожа“ во период од два месеци, кој секогаш за жал или за среќа мора да заврши. Сите се уникатни улоги, сите имаат нешто да ти кажат и од сите можеш нешто да научиш, а и преку нив да пренесеш порака. А околу претставите, секогаш повеќе се забавувам во оние кабаре претстави со пеење, игра и многу хумор, затоа што во другите мора да се пратат детали и ситници за беспрекорно да ја пренесеш пораката.

Една од случките на кои присуствувавме е и онаа кога еден од актерите Душан Кузевски, за време изведбата на една од претставите на Солза и смеа, ја побара својата девојка Кристина за жена. Многу анегдоти, раскажани и нераскажани мигови, актери, публика, случки, настани се врежани во текот на 25 те години од постоењето на Солза и смеа, а самите за крај додаваат- Она што не води 25 години е таа незаменлива љубов кон театарот, но и кон нашата најголема поддршка- публиката.

Неда Маретиќ