Ребека за празникот 8-ми март: Со парите за прослави и подароци да им помогнеме на самохраните мајки и болните деца

На 8 март 1908 година, 1.500 жени запослени во текстилната индустрија, во Њујорк штрајкуваа за своите права. Нивниот слоган „Леб и рози“ беше метафора во борбата за економска сигурност и поквалитетен живот.

Жената предводник во таа битка беше Клара Цеткин. Денеска е 8 март. Поради пандемијата ќе изостанат прославите во угостителските објекти со песна и игра. Денот ќе им помине со вообичаените активности. Сите ќе добијат барем по една роза, како симбол за почит.

Но, дали го одживеваме сонот на Клара Цеткин?

- Сонот на Клара Цеткин во нашето општество е делумно одсонуван. Сеуште постојат жени кои дури ни дома немаат право на глас – посочува за Женски магазин пејачката Ребека Јанковска Ристевски.

Празник на жените или мајките?

Дилема која ја наметнува сеќавањето на детството, кога на овој ден децата со цвеќиња итаа кон мајките. За пејачката и хуманитарка, ова е ден на жените и нивните права, но, го доживува како празник на мајките.

- Децата најмногу му се радуваат, зашто ќе ја изненадат својата мајка со убава песничка, честитка или некој друг подарок. Масовните прослави ми се несфатливи и несоодветни за празникот. Многу подобро е жените да се организираат и да бидат посолидарни. Средствата кои ќе ги потрошат за прославата и подароците да ги наменат за некои ранливи категории на жени или деца. Ретки се тие кои преку организациите им помагаат на самохраните мајки или болните деца. Ги разбирам тие кои само на овој ден имаат шанса и „дозвола“ да излезат од дома сами и до доцна да се забавуваат – заклучува Ребека.


Соња Алексоска Неделковска


Може да ве интересира:

Подолго време голтам кнедли како и вие, но оваа не можам да ја голтнам: Ребека со искрен статус