Сања Лефкова: На докторите и сестрите им ја пеев песната за мајка ми, а тие со плачење излегуваа од болничката собa
Сања Лефкова, на домашната сцена е присутна повеќе од една деценија, а стана препознатлива по хитовите „Лијат години“ и „Пауза, па плеј“. Желбата за поголема музичка наградба и освојување на нови музички пазари, беа мотив пејачката пред шест години да ја напушти Македонија и да замине за Лондон, каде живееше со своето семејство една година. Потоа се пресели во Дортмунд, Германија. Работи како професорка во музичко училиште со мали дечиња. Но, не ја заборава музиката.
Неодамна на својот јутјуб канал ја постави новата тема ”Don’t you Get It” на Александар Масевски. Периодов е во преговори со германски продуцентски куќи, за промоција на уште две нови теми на истиот автор, “Playing with my mind” и “Do you love me” и се појавува под ново уметничко име SANYA.
*Имавте успешна кариера , но сепак решивте да ја напуштите земјава и пред шест години заминавте во Лондон, со намера да завршите музичка академија и да го освоите тамошниот пазар. Успеавте ли да реализирате дел од вашите замисли и амбиции?
-Одлуката да ја напуштам Македонија и да заминам да живеам во странство беше многу тешка, бидејќи од мала почнав да се занимавам со пеење, ја градев мојата кариера и вложував многу во себе. Кога станав мајка, почнав многу повеќе да размислувам на иднината и школувањето на мојот син Никола. Истовремено сакав да започнам нов живот далеку од јавноста. Се реализирав како мајка и се фокусирав на семејството. Едуцирањето, славата и мојата кариера не ми беа битни до моментот кога почнавме да живееме во Лондон и имав можност да остварам повеќе контакти со луѓе од музичката индустрија. Таму останавме една година, а потоа се преселивме во Дортмунд,Германија, каде што сега живеат моите родители. Животот во Лондон е многу брз и не е изводливо да функционираш или да градиш кариера со мало дете, ако немаш некој близок, кој ќе може да се грижи за него.
Добив пофалби од познати англиски менаџери
*Бевте на аудиција на популарното шоу „ Британија има талент“. Како поминавте?
-Додека живеевме во Лондон бев на една аудиција. Втората аудиција се одржуваше во Манчестер во периодот кога веќе се преселивме во Германија. Морав да патувам со авион и да престојувам во хотел два дена.Се пееше на матрица и таа аудиција беше пред големото финале кое што се пренесува на телевизија. По одржувањето на таа аудиција неколку дена подоцна во тој град се случи немил настан, настана експозија на концертот на Аријана Гранде и многу луѓе ги изгубија животите. Тоа ме врати неколку чекори назад и одлучив да не ризикувам. Во меѓувреме дознав дека сум бремена со вториот син Лукас.Одлучив да не продолжувам понатаму и да не се појавувам во такво издание пред телевизија. Но, сепак тоа за мене беше едно позитивно искуство и мотив. Добив позитивни коментари од жирито, кои ми дадоа поттик и ми ја зголемија самодовербата да снимам и пеам понатаму.
*Каква е атмосферата зад сцената, на овој популарен глобален проект?
-Атмосферата ме потсети на аудициите на „М2 Продукција“ во 2002 година. Беше многу возбудливо, но истовремено и многу непознато.Чекавме со часови во големи сали. Сите учесници пеевме и се дружевме. Во хотелот каде што бев сместена , вечерта пред аудицијата владееше голема еуфорија. Немаше завист, љубомора, сите бевме исти и се дружевме. Се претставуваме во посебни простории пред многу членови. Страв и трема немав. Никола и мојот сопруг ми беа најголемите фанови и ми се јавуваа за да им ја доловам атмосферата.
Во жири беа познати менаџери од музичката индустрија, кои првпат ги запознав таму.
Професорка сум во музичко училиште
*Дали вашата работа во Дортмунд е повторно е поврзана со музиката?
-Професорка сум во музичко училиште и работам со мали дечиња. Имаме индивидуална настава по клавир, пеење, музичка теорија и солфеж.
*Како ви поминуваат деновите за време на пандемијата?
-Многу забавно, но истовремено и напнато, бидејќи не можеме да излеземе надвор и да ги прошетаме децата. Дома ни е како во градинка. За среќа мерките попуштија и децата почнаа да одат во градинка, а ние да ги извршуваме нашите обврски.
*И покрај катастрофалната ситуација за музичарите на глобално ниво,успеавте да снимите три песни. Кои се плановите?
-Песните ги снимив кога бев во Македонија, пред да почне пандемијата. По преселбата останав во контакт со многу мои соработници. Со Александар Масевски имавме идеја да снимиме композиции за странски пазар, уште кога ја промовирав “Пауза па плеј’. Една од нив вашите читатели може да ја слушнат на мојот јутјуб канал. Песната се вика ”Don’t you Get It”. Другите две теми “Playing with my mind” i “Do you love me”се готови, но чекаме погоден момент да ги претставиме во јавноста. Периодов сме во преговори со германски продуцентски куќи за нивна промоција во Германија.
Синовите се музикални
* Често во интервјуата спомнуваш дека се сама си постигнала во животот и со голем труд ? Кога почна борбата за место под македонското естрадно небо?
- Потекнувам од многу скромно семејство од околината на Кочани, поточно од селото Грдовци. Целиот мој успех го постигнав благодарение на мојата упорност и талент, но и поддршката од моите родители. Понекогаш ги даваа последните пари за да снимам песна или да отидам на фестивал. Кога бев мала татко ми често не носеше со сестра ми во Скопје, на детски натпревари.Талентот го покажав уште во градинка кога на една приредба испеав песничка. Кога имав осум години, лежев во болница. Имав висока температура и бронхит.
Здраствената состојба ми беше многу лоша. Во тие мигови на тага копнеев да бидам покрај мојата мајка. Добив инспирација да ја напишав мојата прва песна „Осамена“. Им ја пеев на докторите и сестрите, а тие плачејќи излегуваа од собата каде што лежев. Кога мајка ми виде што се случува, ми вети дека се ќе направи само да оздравам. Во 1997година настапив на фестивалот „Дин Дон“ во Штип и освоив прво место со мојата авторска песна „Осамена“. Аранжманот го направи Зоран Ванев. Таа песна ги трогна сите деца без родители и оние кои копнеат по своите мајки, но и сите жени. На секој 8 март, сите дечиња им ја пееа таа песна на своите мајки. „Осамена“ беше детски хит 1997/98 и со неа настапував на многу хуманитарни фестивали. Би сакала да го посочам линкот https://youtu.be/JHJ3EaEypQw од мојот настап во Универзална сала на хуманитарниот концерт на Томислав Маниќ за децата без родители. На 16 години веќе бев самостијна и заработував, одев на турнеи и можев да им помогнам на моите родители и да им возвратам за се што направија за мене.
* Дали синовите се музикални?
-Да. Никола кој е на возраст од шест години има слична боја на глас како мене кога бев мала. Свири клавир и е член на модна агенција во Германија каде се појавува на реклами во овдешни списанија.Но, многу сака математика и компјутери, тренира карате и кикбокс. Три годишниот Лукас пее и е талентиран, но сеуште е мал. Времето ќе покаже што сакаат најмногу. Овде во училиште ги насочуваат децата таму каде што се талентирани и тоа ќе ни биде од голема помош. Голема поддршка во воспитувањето на децата имам и од мојот сопруг. Тој ми помага околу менаџирањето и на мојата кариера.
Соња Алексоска Неделковска