Со борам логопедите и дефектолозите да бидат полноправни членови на секој училишен и инклузивен тим: Ана Петреска стана доктор на науки на само 30 години

Со само 30 години, Ана Петреска која е инаку логопед и борец за инклузија на децата со проблеми со говорот, стана доктор на науки. Докторската дизертација, Ана ја одбрани на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, при катедрата за македонски јазик и македонска книжевност.

„Јас моето основно образование го започнав во основното училиште „Војдан Чернодрински“, во Скопје, а понатаму моето средно образование го продолжив во средното училиште на град Скопје „Раде Јовчевски – Корчагин“, каде што завршив математичка насока. Инаку уште од најраните години на моето детство бев опкружена со изданијата за деца и литературата воопшто, таа љубов кон книгите и пишаниот збор ја наследив од мојот татко, кој инаку е писател и основач на издавачката куќа Феникс од Скопје“, раскажува Ана која во 2010 се запишала на тригодишните стручни студии за дипломиран логопед на катедрата по логопедија при Медицинскиот факултет во Скопје.


-Мотивацијата да студирам и работам Логопедија потекнува од големата љубов кон децата, односно сметам дека најблагородно нешто во животот на секој човек е да помогне на дете кое што допрва треба да зачекори по својот животен пат, а ние логопедите во својата секојдневна работа го правиме токму тоа, односно им помагаме на децата да ги надминат своите говорно-јазични проблеми уште од најраната детска возраст“, ги открива Ана мотивите зошто станала логопед.

Таа смета дека поврзаноста помеѓу филологијата и логопедијата, всушност е нераскинлива затоа што правилниот говор од логопедски аспект а истовремено и правилниот стандарден литературен македонски говор и јазик од литературен аспект се две подрачја кои меѓусебно се испреплетуваат. Оттаму, Ана се решава за докторски студии на катедрата по македонски, иако медицината првично била нејзината насока за понатаму.


-Секоја титула и научно звање за мене претставува една голема одговорност односно дека треба да направите уште повеќе во подрачјето во кое што сте истражувале. Имено мојата желба и стремеж во иднина ќе биде логопедите и дефектолозите да бидат полноправни членови на секој училишен и инклузивен тим за да можат да помогнат на учениците и децата кои имаат посебни образовни потреби, да се стекнат со квалитетно образование, со практични и вистински знаења, кои ќе им помогнат во нивниот понатамошен живот“, е она кон што цели оваа млада амбициозна жена.

Нејзината  професионална определба е логопедијата и во здружението „Интеракција плус“. Заедно со нејзиниот тим од логопеди и дефектолози активно се занимаваат со навремено детектирање на говорно-јазичните и когнитивните нарушувања кај децата и младите, како и со спроведување логопедски и дефектолошки третмани за надминување на говорно-јазичните и когнитивните потешкотии кај децата.

-Истовремено им помагаме на родителите со совети и насоки како да работат со своите деца во домашни услови и како да се справат со препреките на патот кој што се присутни на полето на активната и вистинската инклузија“, раскажува Ана.

Таа за крај вели дека би сакала да ги охрабри сите млади луѓе да се насочат кон процесот на дополнителна едукација и надоградувања на своите знаења, преку различни образовни модалитети.

-Инаку процесот на изучување на моите докторски студии беше навистина долг и опсежен затоа што докторската школа за македонистики траеше три години меѓутоа јас за овој период можам само да кажам дека се стекнав со многу нови знаења и искуства“, додава Петреска за процесот на докторатот.

И во слободно време Ана, сака да прави секојдневни активности коишто се како што вели таа, полезни за нашето здравје.

-Имено ме релаксираат прошетки во природа, посета на места во нашата Земја каде што не сум била, а мој омилен спорт е пливањето кое го обавувам рекреативно“, вели Петреска.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива