„Веќе сме клекнати…од болка, од тага, од немоќ. Не правете настан за гледаност од оваа трагедија“: Кочанчани со апел

Добивај вести на Viber

Во повеќе градови во Македонија денеска ќе се одржи погребот на жртвите од страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во 12 часот на градските гробишата во Кочани ќе бидат погребани 39 жртви кои настрадаа во пожарот.

Здруженија на новинари, институции апелираат во овој момент да се воздржат од снимање и фотографирање и да им остават приватност на семејствата да се простат од најблиските.

Апели се испраќаат повторно дека ова не е момент за сензација, и ваквите траорни моменти да не се пренсуваат во медиумите.

„Како да напишеме, како да објасниме, како да ве замолиме?

Дали и по оваа трагедија повторно треба да клекнеме на колена? Веќе сме клекнати… од болка, од тага, од немоќ.

Почитувани новинари, медиуми, Не правете настан за гледаност од ова. Веќе кружат видеа од пред куќите на починатите, од нивните пријатели што со солзи ги подготвуваат за последното збогум. Ова не е приказна за кликови, ова е човечка болка.

Почитувани граѓани, на ова тажно парче земја ве молиме, не ги споделувајте нивните видеа. Покажете револт, игнорирајте ги текстовите што ја претвораат трагедијата во сензација. Така ќе покажеме почит кон загинатите, кон нивните семејства, кон нашиот град.

Молете се.

Нека ни даде Господ сила на сите“, напишаа на Фејсбук страницата Кочани (Гласот на Кочани).


Претходно директорот на ЦУК, Стојанче АНгелов апелираше дека поради теренската конфигурација на градските гробишта во Кочани, невозможно е голем број луѓе безбедно да присуствуваат на гробиштата.

„Ги замолувам преостанатите ожалостени да останат пред портата на гробиштата. Достоинствено да им се оддаде почит на жртвите, без притискање и загрозување на нивната безбедност и безбедноста на присутните оставете ги нашите најблиски да ги видат своите починати деца за последен пат, во тишина и солзи“, апелира директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.