Ана Бунтеска: А беше обичен ден

Добивај вести на Viber

Денот мирисаше како и обично

На загадено утро и жешко кафе

Тазе печен леб и нишка путер со мед

На застоен воздух во лифтот

И свежина на скоро есенските лисја

Денот беше сосем ист

Како оној вчера

Како оној кој допрва ќе дојде

И со ништо не наговестуваше бура

Или пороен дожд од солзи

Денот беше мирен

Спокоен во својата едноличност

Малку здодевен и бавен

Небаре времето застанало

И седнало некаде за да се одмори

И налет денот

Налет привидниот заборав

Кога од некаде твојот мирис дојде

Како остар нож кога брзаш да пресечеш нешто

Та и месото од прстот си го засекуваш

Како бран вода

Кој одзади ненадејно те заплиснува

Како омилената песна

На која скоро сосем си заборавил

Ете само така

Некако дури и бесмислено во едноставноста 

Те вдишав несакајќи

Полнејќи ги градите со болка и малку страв

Враќајќи се векови наназад

Кога ти и јас бевме ние

И кога ние знаеше да пркоси на се’

Та ми идеше џигерот да си го откорнам

И полека со сласт да си го изедам

Што од сите мириси твојот в нос ми дојде

Па ми се причини оти и душава на спомени замириса

И нема еден кој љубел, а да не знае

Оти ништо полошо нема

Од измината и непрежалена љубов

Чиј мирис си го закопал во себе

Та во еден миг ко вулкан се буди

И ко лава пред себе гори

Ете

Налет денот

Налет ти, јас и налет дамнешното ние

Оти денот не беше во ништо посебен

Ниту нешто посебно се случи

Освен мирисот твој

Мирисот на мојот бол

Мирисот на нашата љубов

И тој тежок мирис на загуба


За Женски Магазин, Ана Бунтеска