Ана Бунтеска: Денот кога во душава ми прокапи

Добивај вести на Viber

Осамна така едно утро

Чинам оти сред лето беше

И сонцето пржеше на кожа

Е тој ден

Прокапи низ ќерамидите

Од нигде никаде се’ се испогани

И ќилими дебели и меки

Како ногата на облаци да ти гази

Та не знаеш дал одиш или лебдиш

И кревет топол и спастрен

Со прекривка во црвена боја

И перничиња врз неа во нијанса на живот

Ете само така тој ден се случи

Без знак дека небото ќе се стуши

И дека силен дожд ќе втури

Силно невреме фати

Целат такво одамна не се памтело

И сета покуќнина се избербати

А вака однадвор да гледаш

Стамена куќа се беше сторила

Бела и стокмена

Со џамови големи и ширум отворени

Чиниш светот внатре ќе го собери

И столбови за да ја крепат

Угоре, угоре високо кренати

А пред неа градина

Чунки рајот по неа правен бил

Та секој ќе застанеше окото да му одмори

И раката му иташе по еден цвет да скини

Оти како што кинеа

Така нов цвет цветаше

Уште поубав од претходниот

Со мирис кој умот го опиваше

И потсетуваше на дамнешни желби

Убава куќа беше

И на опул и за живеачка

На лето студена

В зиме топла

Ама ете

Еден ден кога никој не очекуваше

Црнило над неа се стутка

И ровје в земја удри

Та ниту за внатре

Ниту за внатре беше да се седи

Еден ден

Во кој се’ уште не знам што се случи

Внатре во мене

Во душава нешто ми прокапи


За Женски Магазин, Ана Бунтеска