Ана Бунтеска: До последен здив
Можеш ли да го опишеш трепетот
од присуството на нечие отсуство
да си начисто со себе
дека, ете, покрај тебе е
дури и тогаш кога не го гледаш
та во мислите допираш и дишеш
телото кое не го познаваш
а како твој ампутиран дел е
мирисот за кој знаеш дека е ваш
од заедничка пот и слуз
која не е измешана меѓу истуткани чаршафи?
Можеш ли да го опишеш мигот
кога времето застанува
и бесконечност станува
токму тогаш кога гласот негов
ти ја опседнува матката
и сокови ти буди кои одамна ги нема
како река која низ векови пресушила
та и сама кога седиш
стопена во лица кои не ги познаваш
чувствуваш како навлегува во тебе
толку полека што дури и болката се развлекува?
Можеш ли да ја опишеш жената во себе
онаа која никогаш не заспива
и која бдее дури и тогаш
кога телото ~ е меѓу две отсонувани летања
та се шири и собира
менува облик по неговото присуство во умот
и некогаш е собрано меѓу две дланки
а некогаш, пак, се распрснува како вулкан
кој јаде с` пред себе
освен таа мала оаза во која сте еден ум
едно тело, еден оргазам?
Можеш ли,
дали можеш да ме разбереш
ако ти кажам дека нема димензија
во која мојата желба по тебе здивнува
или барем малку се стивнува
и дека времето кое тече меѓу два напишани збора
е бесконечна приказна која не се става на хартија?
Можеш ли,
дали можеш да ме разбереш
ако ти кажам дека два живота со тебе ми требаат?
Еден
во кој с` ќе ти раскажам
и другиот
во кој ќе го одмолчам сето она што во мене вреска
додека ме измачуваш чекорејќи низ кривината на мојата насмевка
и додека со гласот ми исцртуваш небо полно здивови.
Два живота ми требаат, драги мој,
ни помалку ни повеќе,
за во едниот да ги изживеам
дните претходни без тебе минати
и уште еден, овој
во кој сега ќе те дишам
до последен здив
до последното предавање.
Фото: Стојан Стојановски