Aна Бунтеска: добро да сме... живи да сме

Добивај вести на Viber

кога ќе ја тргнеш суетата

како завеса која пред очи ти е

цел живот, цел еден век

и ќе прогледаш

за да видиш

не за да гледаш само

и угол гола пред огледало ко’ ќе застанеш

со сите лузни

како онаа од царскиот рез

и оние кои животот ти ги дарил

кои со голо око се невидливи

ама ти си ги знаеш

оти под кожата си гледаш

и знаеш каде те боли

каде зарезот е посилен

поголем и подлабок

некаде меѓу градните коски

кај што штракалото ти чука

ете таму налево

и кај вратната жила кај што ти бие

како да те потсетува дека жива си

уште

сè уште

и дека сите борби кои поминале

те оштетиле и осилиле

за да си подготвена на следната

со себе и светот

за да се помириш со она што не си

и да го голтнеш стравот дал’ ќе станеш она што сакаш

а во меѓувреме

среќна да си ваква

токму ваква каква што си

со годините кои ги носиш

љубовта која тебе те носи

стравот на кој му пркосиш

смртта на која ѝ се потсмеваш

и денот

токму овој

токму сега

кој го дишеш

па си велиш „добро е, тука сум“

со сите кои во душата ги имаш

и во чија душа се имаш всадено

до утре

да наздравиш со нив

со чаша вино и музика

солзи и смеа

за тука да сме, добро да сме, живи да сме