Ана Бунтеска: колку ти тежи зборот

Добивај вести на Viber

Велат, чо’ек тежи колку што му тежи зборот

и ниту еден бадијала не е кажан

оти не е к’о да земеш песок в рака

и да фрлиш низ ветар

а не е ниту капка вода

па да пуштиш в река низводно да оди

оти зборот тежи

некогаш к’о планина на плеќите да носиш

или синџир на нозете врзан

а пак некогаш е лесен к’о љубовен здив

к’о детски шепот за лесен сон

чо’ек тежи токму онолку колку што зборот му тежи

за да стои зад него

за да застане гордо и пред него

и право в очи да те гледа

оти ако се само така кажани

тогаш се камчиња без ред истурени

наместо мозаик од нив да се стори

да заличи, од убост да блесни

ете затоа не се ломоти џабе

ниту љубов се истура преку нив

барем не онаа зад која не можеш да застанеш

и пред неа да стоиш за да ја одбраниш

затоа „те сакам“ не се само обични букви

ниту само два збора колку да ги изустиш

тие се борба и труд

тие се универзум од двајца

и приказна во која среќен крај има

тие се почеток и крај

првата заедничка смеа и последниот здив

рака в рака

уста в уста

така само вредност имаат

и не се плукнати колку времето да се пополни

или колку устата да си ја исплакнеш

оти чо’ек вреди само толку

и ниту ситна паричка појќе

отколку што зборот му вреди

и на душата му тежи

а на срцевиот кантар ставени

твоето „те љубам“

и моето „ме болиш“

на тој кантар измерени

мојот бол е потежок од љубовта твоја

ете затоа со чо’ек нежен треба да си

и со раце и зборо’и да го галиш

оти сè поминува

и сè низ годините ќе одмине

освен тежината на зборот што си го кажал

сум го кажала

оти и ти и јас тежиме ниту грам повеќе

од она колку што зборовите ни тежат

во срцето

во душата

во љубовта


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска