Ана Бунтеска: Помеѓу два света
Велиш дека судба сме имале
Во лошо време да се сретнеме
Помеѓу два света
Едниот твој
Другиот мој
А меѓу нив универзуми празнина
Велиш
Велиш оти различни сме
Ти ден
Јас ноќ
Ти плима
Јас осека
Та и љубов да е, не ќе опстане
Велиш оти има нешто посилно од нас
И дека против него не се оди
Оти најарно е секој својот пат да го фати
Еден налево да тргни
Другиот надесно да киниса
А јас само молчам
И те слушам како ломотиш
Та ти се чудам
А после и себе си се чудам
И не знам кој поулав од нас двајцата е
Дали ти, за љубов што си ќор
Или јас со корен пуштен во твојот двор
Та ко плевел ме гледаш
И корнеш дур ништо од мене не остане
Ама пусти коров не се дава
Та овде-онде пак ќе ти никнам
Ко неканет гостин на веселба
И преку глава ми е од што те слушам
Па ми иди јас тебе да ти свикам
Оти на будала ум не му се дава
На слепец виножито не му се покажува
На глув песна не му се испева
На чоек кој на љубовта грб и’ свртил
Со љубов не треба да се гоштева
И само што уста ќе отворам
За сета горчина од себе да ја изблујам
Се сепнувам и знам оти џабе е
Оти пак ќе ти се вратам
И кротко кај тебе ќе дојдам
А ти Ти не ќе престанеш
Ниту против себе
Ниту против мене да одиш
Иако секој пат
Со раце широко отворени ме пречекуваш
Помеѓу двата света во кои самуваме
И кои со срцата ги спојуваме.