Ана Бунтеска: Пресушија реките

Добивај вести на Viber

Пресушија реките 

Кои ги препливавме

За еден до друг да дојдеме

И празни стојат сите мостови

Кои од зборови љубовни 

Низ годиниве ги изградивме

За насреде да се сретнеме

Секој на својата страна од линијата 

Од која враќање нема

И чекорите ни застанаа 

Како расипани стрелки 

На часовник кој одамна не е навиен

Кој покажува време кое одминало

И во кое нема да се вратиме

Каде звукот музика не е

Туку само шуштење

Без никаков ред и ритам

Небаре некој извикал “стоп кадар”

Онемеа и дождовите

Кои гревовите ни ги измиваа

Како згужвани крпи стојат облаците

Одамна заборавени од грешните

Сите думи испарија 

Како капки вода на припек

Та се заборавивме еден со друг

Душите не си ги памтиме

Ама уште се спомнуваме

По имиња кои ништо не ни значат 

Со глас кој е само рамна линија

Со остар раб на кој ни крварат спомените

Дури и зимата заборавила 

Да си замине од срцата 

На оние кои повеќе не знаат да љубат

Та си велам оти не е чудо

Што есента е се’ пократка

А пролетта никако да дојде

Пресушија

Пресушија сите води

Кои мене кон тебе ме носеа

И оние кои тебе те удавија

И солзите повеќе ги нема

Ниту од утробава сок по тебе има

Пресуши пулсирањето на младоста

Која жестоко те љубеше

И која за пораз не знаеше

Нит слабости признаваше

Пресушија сите зборови

Молби и клетви со иста страст изустени

Та сега само молчиме

Секој на другата страна од перницата

На која главите ни спијат како на олово

А срцата ни се светови оддалечени

На само неколку сантиметри

Пресуши

Пресуши изворот од кој пиевме

Од кој живот црпевме

Во кој од страв наместо телата

Совеста си ја миевме

Дур не го секнавме

Дур љубовта не си ја убивме