Ана Бунтеска: Слечи си ја кожата

Добивај вести на Viber

Слечи си ја кожата-ми велат

Слечи ја како да слекуваш фустан

Кој си го облекла за љубовникот

После испиено вино

И ноќ полна музика

Слечи ја полека и нежно

Како в очи да го гледаш саканиот

Токму онака како што си прочитала 

Во еден од оние странски часописи

Од кои никогаш ништо не научуваш

А најмалку како себе да се љубиш

Слечи си ја кожата драга моја

Како шминка пред легнување

Внимателно за да не го вцрвиш лицето

Дур од себе ја вадиш маската 

Во која секогаш уживаат другите

Слечи си ја кожата-ми рекоа

Слечи ја како досаден и долг капут

Кој те нервира кога се сопнуваш

Качувајќи се по скалилата на животот

Оти ти е шубе да се возиш со лифт

Слечи се и не туку продавај приказни-ми врескаат на уво

Слечи си ја жено кожата

Онаа која со годините се растегнува

И која се брчкосува онаму 

Каде најмногу се гледа

А нема како и со што да ја прикриеш

Оти на туѓото око никогаш не му бегаат

Недостатоците на сите околу него

А јас

Јас и не знам што би раслекла повеќе

Од слекувањето на душата низ годиниве

И не знам дал некоја друга кожа ќе ме збере

Та си велам дека ако можам да бирам

Ќе одберам кожа 2 броја помала

Во која ќе стуткам се’ од себе

Оставајќи ги настрана мислите за тебе

Како одвишок во кој не се снаоѓам

И кој почнува да ми пречи

Та ете

Нив ќе ги оставам во мојата стара кожа

И како украс ќе ја обесам на ѕид

Онака како што прават ловџиите

Кога сакаат непотребно да се пофалат 

Со крвта на рацете што ја носат

Само што јас ќе немам со што да се фалам

Ниту спокојна ќе бидам 

Кога кожичкава надолу ќе виси

Оти доволно мака ќе си имам

Со душава стисната ко во затвор

Во некоја нова

Во некоја туѓа

Во некоја, само не моја кожа

За 2 броја помала

За 2 века постара

За 2 љубови покуса...твоја и моја


За Женски Магазин, Ана Бунтеска