Ана Бунтеска: срцево мое два пати има пеено

Добивај вести на Viber

Низ животов два пати љубев

и некој ќе рече дека среќна сум

што само двапати срцево скршено ми било

само што срцево мое кога се крши

тоа е како смртоносна лавина

како бран кој пред себе уништува

како лава од вулкан која зад себе пустош остава

моето „двапати“ е како кај многумина десет

ете

срцево мое двапати досега има крвавено

првиот пат на младост

кога љубовта шеќерна волна беше

кога години имав колку половина отколку сега

што имам

кога мислев дека „те сакам“ е вечност

а вечноста е едно, составена од нас

а ние

ние бесмртни во својот младешки цут

првата љубов велат најдолго трае

а уште подолго ако е насила прекината

ако животот и смртта седнале еден наспроти друг

и покер играат со влог од човечко месо

првата љубов

закопана на двапати

еднаш вземи

еднаш во моето срце

кое како гробница години зјаеше

и уште еднаш

само уште еднаш потоа срцево љубеше

само уште еден пат после првиот засек

во овие години кога љубовта е подарок

кога си уште доволно млад за да ја сетиш

а доволно стар за да сакаш да ја чуваш

оти знаеш колку ретка е

знаеш дека е како скапоцен камен меѓу ќумурчиња

та ја чуваш и токмиш

со рацете ја штитиш

од телото постела ѝ правиш

ама ете

и тој пат судена не ти била

и ниту мир имаш, ниту сон ти доаѓа

дур еден ден не си речеш дека доста е

дека немаш сила за уште еден погреб во срцето

и дека си одиш

а знаеш дека проклетство на врат си навлекуваш

и дека можеби следната во друг живот ќе ја имаш

ама веќе сила немаш

ниту начин за да ја зачуваш

за да ја оживееш и да расцути меѓу бетонски плочи

та ја пушташ

и дел од себе со неа во неповрат оди

па се тешиш оти доволно стар си за да ја преживееш

оти веќе сè видено имаш

со страв дека сепак уште млад си

за да тераш без неа дур’ пишано ти е

срцево мое двапати има пеено

и двапати пилето има занемено

двапати од пепел се има раѓано

и двапати во пепел запретувано

та сега некој ќе се насмее

и по рамо ќе ме тупне дека има и трета – среќа

а јас знам, ете знам

дека моето пиле на третиот пат веќе ќе го нема

оти срцево к’о ми се крши

не останува ништо

ништо освен празнина и болка

како гробница која зјае

која голта

која ме јаде


За Женски магазин, Ана Бунтеска