Aна Бунтеска: Среќна Нова
Високо кренати чаши
За здравјето да не’ служи
И умот да не’ крепи
За љубовта која ја бараме
И за онаа која во нас цути
Високо кренати чаши
За најблиските до нас да се
И за нив тука да бидеме
Зад нас маките да ги оставиме
На иднината да и’ отпоздравиме
Високо кренати чаши
За спокој во душите
Без јанѕа во срцата
За сјај во очите
И насмевки на усните
Високо кренати чаши
За сите искушенија кои идат
И кои мудрост ќе ни дарат
Кои ќе не’ научат свои да сме
И од своето да не бегаме
Високо кренати чаши
За сите падови полесно да ги врвиме
За сите успеси скромно да ги дочекаме
Цврсто на нозе да стоиме
И достоинството да си го сочуваме
Високо кренати чаши
За оние кои после нас остануваат
И за тие кои допрва зачнати ќе бидат
За аманетот кој ќе им го оставиме
Споменот за нас во срцата да им спие
Високо кренати чаши
За тие кои меѓу нас не се
И една голтка во нивна чест испиена
Една солза од тага што заминале
И една од среќа што сме ги имале
Угоре високо кренати чаши
За иднината
За радоста
За денот што доаѓа
За животот
За тебе
За мене
За нас
Живели!
За Женски Магазин, Ана Бунтеска