Дарко Лешоски: “B'shert”- судбина, барање личност која ќе ве надополни и која вие совршено ќе ја надополнувате
Еден поинаков концепт на поетот и сестран уметник Дарко Лешоски специјано за Женски магазин. Преку медиум- видео форма ги растура своите мисли- всушност „чудни“, необични зборови од секој светски јазик кои имаат длабоко значење, а тој се надоврзува на суштината на зборот со одлична нарација, умствена „гимнастика“ и визуелен опис.
"Го имам сето време на светот - ќе чекам! Тебе јас ќе те чекам!" Љубовта која долго ја кријат двајца знае како малечка исплашена гуштерица под тепих, така под срцата нивни да се сокрие таа некогаш. Љубовта која долго ја кријат еден за друг двајца знае да излезе од пештерите под нивните срца како ламја која блуе оган и ништо повеќе не ја запира. Повеќе ништо неа не ја запира! И јас го чекам тој ден. Јас ќе го чекам тој ден како Флорентино Ариза во „Љубов во време на колера“ Твоите старечки раце, твојот прст, твојот кажи-прст тенок и убав како ластар од сува гранка кога ќе ми помине по грбот право надолу,по р`бетот стар по кичмата. Ќе чекам да лежиш покрај мене ти конечно пак. Ќе чекам да прашаш што значат тие букви на јазик кој не го разбираш. И ќе ти ја бацам најголемата и најдлабоката бразда на твоето чело од каде сонцето мене ми изгревало секогаш :
„Долго молчев jас, долго трпев и се воздржував; сега ќе викам како родилка, сега ќе разурнувам и ќе голтам сè. темнината ќе ја направам светлина - езерата ќе ги исушам! “ тоа пишува на кичмава - ќе ти шепнам. Стих на пророкот Исаија кој си го истетовирав по грбот надолу кога бевме млади, кога првиот пат ти од мене си замина. Да ме крепи. Да не се скршам јас напола. Љубовта која долго ја кријат двајца знае како малечка исплашена гуштерица под тепих, така под срцата нивни да се сокрие таа некогаш. Љубовта која долго ја кријат еден за друг двајца знае да излезе од пештерите под нивните срца како ламја која блуе оган и ништо повеќе не ја запира. Ако е вистинска. А јас? Јас го имам сето време на светот - ќе чекам! Тебе јас ќе те чекам! Б'шерт || јидиш || Хебрејски || (н.) во буквален превод: „судбина“, но преносно најчесто означува „сродна душа.“ потрага по сродна душа и личност која ве надополнува во идеален начин и која вие совршено ја надополнувате, предодреден партнер во живот безразлика кога и да се појави.
“B'shert” – A Jewish word meaning "destiny", referring to the seeking of a person who will complement you and whom you will complement perfectly.”