Дита Старова-Ќерими на кафе во „Бела“: Секоја жена зрачи со внатрешниот дух, без разлика на биолошките години

Д-р. Дита Старова Ќерими е уште една во низата успешни дами во нашата држава. Работи како професор на Факултетот за Архитектура и Дизајн при УАКС, а покрај ова, веќе четири години е и директор на Националната галерија на Република Северна Македонија.

Важи за омилена професорка помеѓу студентите, а како директорка се труди да организира бројни изложби, проекти во сферата на едукација на најмладите и ранливите категории, но може да се пофали и со значајни зафати во заштитата на сите објекти кои се во владение на институцијата. 

Покрај сево ова, Дита може да се пофали и со индивидуално творештво и многу успешни изложби зад себе, а професионалниот живот совршено го балансира со приватниот и не дозволува ниту едно поле да биде запоставено. 

Оваа успешна дама во рубриката „На кафе во Бела“, си ја отвори душата и откри дел од своите секојдневни рутини и навики, но и што ја прави среќна.

* Која е тајната на Вашиот младешки изглед? Какви се Вашите дневни рутини и навики?

– Секоја жена зрачи со внатрешниот дух, без разлика на биолошките години, кои се само бројки.

Денот ми започнува како мајка на две прекрасни деца. Со убава мисла покрај нив и за нив. Токму тие ми ја носат радоста на животот. Тој момент на грижа, мајчинство и емпатија при нивното подготвување за училиште ме прави посилна и поподготвена за дневните предизвици. Секако, сето тоа спроведено во дијалог и соработка со мојот сопруг Фидан.

Се трудам секојдневно, во рамките на можностите, да го ограничам секојдневниот стрес, кој се одразува на лицето. Мојот императив е да негувам насмевка кон моето опкружување. Да имаме добра мисла, да бидеме среќни со тоа што го имаме и да си помагаме – тоа е главниот услов за здравје и младост.

Освен тоа, секојдневно пешачам колку што ми овозможуваат обрските. Тие се мигови само за мене, кои ги поминувам во лична интроспекција.

Моите професионални обврски започнуваат со пуштање на одлична, весела музика, која ме придружува во текот на целиот ден. Со неа го славам претстојниот ден обврзувајќи се да бидам позитивна и насмеана.

* Како се релаксирате, што Ве опушта и Ве прави среќна?

– Вистинска среќа е да живеете во согласност со сопствените вредности и со она што е важно за вас, да развивате вештини што ќе ви овозможат да се соочите со тешкотиите со издржливост и на тој начин да уживате во похармоничен и побалансиран живот.

Среќата ја барам во целото мое опкружување, прошетките со семејството во природа, патувањата, миговите поминати со блиски пријатели, во читањето книги, гледањето некоја театарска претстава или концерт, а секако и во секојдневните активности кои се поврзани со подготовки на тековните изложби. Секоја изложба за мене претставува празник. Самата сум уметник и го знам значењето на убаво претставена изложба за секој уметник кој изложува во Галеријата.

Според Далај-лама, среќата не е нешто што ви се нуди. Таа доаѓа од вашите сопствени постапки. Тајната на среќата е во учењето да се стремиме кон постигнување на личните цели кои се вредности. Среќата е прогресивно остварување на нашите цели.

Кога еден уметник се наоѓа и во улога на селектор на националните и светски вредности што ѝ се прикажуваат на публиката, мошне е тешко да мисли и на своето творештво. Но сепак, кога како сликар и уметник се наоѓате на чело на една врвна институција од областа на сликарството и уметноста, не треба да го запрете внатрешниот креативен порив. Мојот творечки сликарски немир е од полза за моето раководење со Галеријата, и обратно. Уметникот е во постојана потрага. Така е и во мојот случај. Додека се справувам со менаџирањето на големиот број изложби во Галеријата, често се изолирам и отворам можности за личните творби и тука ја наоѓам мојата среќа.

* Кој е Вашиот рецепт за успех на приватен и професионален план?

– Успехот доаѓа со голема одговорност. Но не земајте го својот успех здраво за готово. Бидете свесни дека сте во позиција од која можете да им помогнете на другите. Секогаш треба да се подаде рака, тоа многу значи.

Морате со сите умствени и креативни сили да се грижите да останете достојни на предизвикот. Верувам дека основата да бидам и да останам на нивото на нашата престижна институција лежи во мојата сликарска наобразба: учењето сликарство во Париз во најраните години од животот, потоа школувањето во престижното средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“, студиите по сликарство и магистерските студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, како и докторската дисертација од областа на историјата на уметноста. Кога раководите една институција каква што е Националната галерија, на чие чело се наоѓал и великанот на македонското сликарство Никола Мартиноски, свесни сте дека за достојно остварување на задачата, на мисијата што ви е доверена, покрај образованието, сликарската дарба, секако потребно е и нешто друго: да ги обедините позитивната енергија, емпатијата и знаењето на другите во заедничка акција.

Сите што ме знаат ќе ви кажат дека сум голем оптимист. Не е секогаш лесно да се справувате во текот на денот со повеќе видови предизвици со кои се соочува една жена како мајка, сопруга, уметник и раководител на една од најзначајните институции во културата. Опкружувањето со луѓе кои ја сакаат културата и создаваат за културата, е многу значајно за мене.

А најголемата благодарност за успехот секако им ја должам на моите родители, кои ми овозможија солидно образование и негување на љубовта кон културата од најмала возраст. Дел од успехот се и мојот сопруг и децата, кои постојано ме надополнуваат во секојдневните активности.

* Со што Ве освои Bella и дали би ја препорачале како моден бренд за дами?

– Bella е совршен бренд за жена која сака да остави силен визуелен и естетски впечаток, со нота на безвременска класика. Секако, водејќи сметка и за квалитетот. Јас сум редовен клиент на Bella и можам да кажам дека сите нивни парчиња со години имаат траен квалитет.

Им го препорачувам овој бренд на сите дами што држат до својот стил и препознатливост.

* Кои се Вашите очекувања од Bella за во иднина?

– Во комуникација со Bella,знам дека имаат совршени модни креатори во нивниот тим. Моите очекувања се дека ќе останат доследни на квалитетот како и досега и ќе одат во чекор со светските трендови.

фото: anidimi.photography

Може да ве интересира:

Верица Коцева на кафе во „Бела“: Не можам да прифатам дека една жена во 21 век не може да најде барем еден час за себе во денот

Славица Попева на кафе во „Бела“: Се стремам кон природна убавина и многу ретко користам шминка


Ведрана Велинова на кафе во „Бела“: Одбирам парчиња што се убави на око, без разлика дали се удобни или пријатни за носење

Елена Пискачева Курт на кафе во „Бела“: За мојот изглед нема случајност или оправдување на моите гени

Елена Бубало Михајловска на кафе во „Бела“: Можеби стилот ми е едноставен, но е мој и само така се чувствувам комотно

Драгана Д. Чифлиганец на кафе во „Бела“: Ако сакате да имате убави усни, зборувајте љубезно и со почит

Македонската парфимерка Марија Аслимоска на кафе во „Бела“: Најчесто носам различни комбинации на парфем одеднаш