Две „челични“ дами од Макстил на прво место со нивниот иновативен проект на Young Energy Europe
Иновативниот проект за зголемување на енергетската ефикасност и намалувањето на CO2 емисиите што го изработија две млади успешни жени од Макстил, Елеонора Јовановска и Тијана Шалева, освои прво место во престижниот проект Young Energy Europe 3.0. Елеонора и Тијана се прогласени за македонски „Energy Scouts” за 2024 година, за проектот „Примена на Excentric bottom tapping System (EBT) систем во процесот на топење метал“.
„Тијана Шалева е инженер по електротехника и информациски технологии и работи во Одделот за енергетски менаџмент, додека Елеонора Јовановска, исто така инженер по електротехника и информациски технологии, е раководител на Одделот за енергетски менаџмент во Макстил.“Тие велат дека конкуренцијата на Young Energy Europe 3.0. била голема и дека имало голем број креативни и иновативни проекти во областа на енергетската ефикасност и намалување на јаглеродните емисии.
Каков е придонесот од вашиот иновативен проект? Дали е применлив на локално ниво?
Тијана: Проектот може да се примени на локално ниво во индустриски погони со електролачни печки. Тој придонесува за зголемување на енергетската ефикасност, поголема продуктивност и значително намалени трошоци. Дополнително, овозможува подобрена безбедност при работа и помало влијание врз животната средина.
Колку време траеше овој натпревар и какво значење има во делот на енергетиката и зголемувањето на енергетската ефикасност за нашиот регион?
Тијана: Обуката, заедно со подготовката на проектот, траеше речиси два месеца и има големо значење, бидејќи овозможува стекнување со практични знаења и развој на иновативни решенија за зголемување на енергетската ефикасност и намалување на CO2 емисиите. Понатаму, нивната примена им овозможува на индустриските капацитети да станат поконкурентни на пазарот, да постигнат поефикасно искористување на ресурсите и директно да придонесат кон одржливиот развој.
Што значи добивањето на титулата македонски „Energy Scouts”?
Елеонора: Да ja добиете титулата македонски “Energy Scouts” значи да бидете признаени како енергетски извидник, кој активно учествува во иницијативи за подобрување на енергетската ефикасност во својата компанија.
Како е да се биде жена-инженер во челичната индустрија во Македонија?
Елеонора: Да се биде жена-инженер во челичната индустрија, каде што доминираат мажи, е предизвик, но и можност за личен и професионален развој. Ме радува фактот што сè повеќе жени избираат инженерски професии, докажувајќи дека родот не ги ограничува нивните способности да донесат иновативни и одржливи решенија. Ова придонесува за рушење на стереотипите и отвора нови можности во индустријата.
Тијана: Доста динамична и предизвикувачка, но истовремено нуди огромни можности за професионален напредок. Иако традиционално во оваа индустрија доминирале мажи, денес сме сведоци на сè поголемо вклучување на жени кои храбро ја градат својата кариера како инженери и успешно придонесуваат кон нејзиниот развој.
Која е вашата заложба при остварување на целите на Макстил за Парискиот договор за нула-емисии на CО2 во воздухот до 2050 година?
Тијана: Нашата заложба вклучува инвестирање време во едукација и стекнување нови искуства преку соодветни обуки кои ги поддржуваат целите на Парискиот договор за намалување на глобалното затоплување и постигнување на нето нула јаглеродни емисии. Понатаму, преку советување и соработка со нашите колеги инженери, изнаоѓаме ефективни решенија за подобрување на индустриските процеси преку примена на одржливи технологии.
Колкава е поддршката од Макстил за ваков тип активности и проекти?
Елеонора: Поддршката од Макстил за ваков тип активности и проекти е голема со тоа што како компанија се стреми кон создавање одржливо општество, активно поддржувајќи проекти кои се фокусирани на енергетската ефикасност и декарбонизација.
Кој е следниот предизвик за вас?
Елеонора: Следниот предизвик за нас е презентирање на проектот на европско ниво во Берлин, Германија. Ова ќе биде одлична можност да ја презентираме нашата посветеност како компанија во создавањето на одржливо општество и да размениме искуства со други европски компании од различни области, со цел да ги унапредиме нашите практики и да придонесеме за поголема енергетска ефикасност и декарбонизација.
*Пр објава