Не се прашува за стара љубов

Добивај вести на Viber

Не се прашува за стара љубов

Дури ни ко ќе ја сониш

Или кога нешто на неа ќе те потсети

Уста за стара љубов не се отвора

Ниту умот смее натаму да ти оди

Колку и да ти бара душата

Барем малку назад да се врати

Како утеха за младоста

Не се прашува за стара љубов

Налет

Да било пишано да биди

Немало во минатото да остани

Како стара јамболија на најгорната полица

Замирисана на нафталин

Стуткана и стокмена за навек

Иако никому не му текнува да ја фрли

Не се прашува за стара љубов

Ниту пред познати

Ниту пред непознати за неа се говори

Оти со секој збор рана се отвора

Колку и да била зацелена

Колку и коричка да фатила

Како издраскано коленце на немирно дете

Кое со прстето упорно ја чепка

Има работи за кои не се прашува

Има работи за кои не се кажува

Ниту пред себе 

Ниту пред огледало

Оти болат ко сега да се случиле

Ете, токму како вчера да биле

И рак-рана останале

Што на срце што во утроба

Та секој пат жегнува исто

Ко да не си веќе некоја друга

Ко да не е веќе некој друг

Ко да немаш свој чоек до себе

Ко да нема друга жена до него

Не се прашува за љубов која остинала

И која никојпат нема да се подгрее

Оти некои љубови не се за сегашност

А уште помалку за иднина

Иако однатре кинат

Како сега да се

Како тука да се

Како никогаш да не си престанала за нив да прашуваш