Невести како од бајките, младоженци во елегантни костуми: Најпознатите свадби и венчавки на македонската естрада

Добивај вести на Viber

Љубовта им цвета, и сѐ уште им цвета на многу бројни естрадни ликови.

Денес ќе се потсетиме на некои од нашите познати ѕвезди, пејачи и политичари кои „скокнаа во тавче“ во последните неколку години.

Венчаници од соништата, невести како од бајките, распослани велови, уникатни приватни забави, пејачи, ракометари, министри и портпароли во елегантни костуми. 

Дама која меѓу последните стапи во брак е Викторија Лоба. Ако некоја од пејачките некогаш изгледала како божица на сопствената свадба тогаш тоа дефинитивно ѝ го препишуваме нејзе. Облече две венчаници, пред Бога на вечна љубов на бизнисменот Ѓорги му се заколна во Охрид, а не се двоумеше и да го земе микрофонот во раце за да ги забавува гостите на веселбата.

Македонското девојче, чија свадба со години се очекуваше со нетрпение, Каролина Гочева и Михаил Корубин се венчаа на 23 септември, 2017 година. Свадбата на Каролина и на Михаил беше проследена од будното око на јавноста иако беше од затворен тип. Тие организираа венчавање со матичар и свадбена забава на необична локација, во еден од воените хангари на аеродромот Стенковец, специјално приспособен за оваа пригода. 


Една од најуникатните венчавки или свадби во 2017, ги имаа пејачката Сара Мејс и водителот Димитар Атанасовски. Во нивен стил сѐ беше уникатно на приватната свадбена забава. Сара со посебна венчаница, пердуви и долга коса, Димитар со мотор по неа наместо со автомобил.


Во март годинава ги ставија потписите за стапување во граѓански брак, а во септември портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Димче Арсовски и неговата сопруга Соња направија и свадба. Главен гостин беше токму нивното синче, едногодишниот Давид.


Во познат скопски ресторан неодамна свадба направи и министерот Благој Бочварски, а неговиот сопартиец Љупчо Николовски на вечна љубов се заколна во март 2020.

Меѓу водителките и новинарките кои стапија во брак, а ги проследивме беа и Јана Серафимова, Јелена Богојевиќ и Анастасија Илиевски.


Јана која е вљубена во спортот и на „Телма“ ја води емисијата „Ферплеј со Јана“, срцето му го предаде на Горан Петровски. Го склучија граѓанскиот брак минатата година, и уште лани, Јана за Женски магазин рече дека стрпливо ќе чека да попуштат рестриктивните мерки поради ковид, а големата забава ја планира за на лето. Таа накратко ни ја раскажа љубовната приказна со Горан. 

 -Се запознавме на „Д фестивал“, работно бевме таму и двајцата. Организаторите на фестивалот дојдоа на свадбата и се смеевме - стројници ни се хаххаа! Другари ни се. Кај Горан, најмногу го сакам тоа што е добар и чесен, секоаш насмеан, сите го знаат по смешките и по многу добрата смисла за хумор. Креативен е 24/7 да ги смее сите“, рече Јана за својот сопруг. 

Водителката Јелена на романтичен начин се сврши со Срѓан во Крушево. Од почеток знаевме дека сме еден за друг, рече таа.


-Немам зборови со кои можам да ја опишам среќата и сите изливи на емоции кои надојдоа по запросувањето во преубавото Крушево... Едноставно од самиот почеток знаевме и бевме сигурни дека сме еден за друг, сфативме дека сме копнееле по ваква сродност и сме се барале потсвесно и за првпат во животот пронајдовме и доживеавме ваква љубов. Се запознавме во вистинско време, неочекувано и брзо се зближивме, а чувствата, разумот, заедничките погледи и ставови беа пресудни да решиме цврсто дека сакаме да го поминеме животот заедно, па и сите наредни ако постојат“, ни изјави водителката тогаш. 

Во венчаница од соништата, љубовта со брак во Охрид ја крунисаа и водителката Анастасија и Богдан Илиевски.

4 години брак годинава прославија и репрезентативниот голман Борко Ристовски и неговата сопруга Николина.

Тие го имаат синчето Душан, а во семејството неодамна им се приклучи едно девојче. 

Со бебе на пат во 2020 се ожени и ракометарот Столе Стоилов. Судбоносното „ДА“ младиот брачен пар го заокружи со граѓански брак. Столе и Деница со најблиските во локал во Скопје прославија за новото поглавје во нивниот живот.

Во 2018 година се омажи и поп-пејачката Симона Поповска, за својот долгогодишен дечко, бизнисменот Крис Поповски. Свадбата беше во јуни, а Симона носеше дводелен невестински фустан. Таа сега е мајка на две дечиња.


Пејачот Александар Белов се ожени со Србинка. Белов ја изненади Јелена, ја побара за жена на како што вели едно од неговите омилени места, манастирот Свети Наум во Охрид. Белов во Крагуевац, каде што неколку години живее со својата сегашна сопруга Јелена, направи свадба на која имаше многу гости од Македонија и од Србија.

Стефан Богоев и Ивана Анѓелковска, во септември 2018 направија свадбена веселба на која присуствуваа бројни јавни личности.

Стефан ја запроси својата долгогодишна девојка во февруари годинава. За свечениот момент одбра симболичен датум - нејзиниот роденден. Тогаш, за „Женски Магазин“ ја раскажа својата љубовна приказна.

„Се запознавме пред скоро девет години. Пред тоа воопшто не се познававме. Од првиот момент имаше искра и почнавме интензивно да комуницираме. Почнавме и да се гледаме, беше убаво и да бидам искрен уште оттогаш имав претчувство дека ќе трае. Оттогаш, покрај љубовта станавме и најдобри другари, партнери. Споделуваме сѐ“, ни раскажа Богоев.

Пејачот Јоце Панов се ожени со Марина Нацевска, со која беше десет години во врска.  И музичарот Мартин Вучиќ во јуни 2018 се ожени со неговата долгогодишна девојка Сања. 


Ирена Ставрова