Писмото на нашата актерка Марина Поп Панкова: Не сум вработена скоро 20 години, Дедо Мраз, исполни ми ја желбата

Чудно е како некој со толку многу професионален габарит и кариера зад себе да не е вработен. Посебно кога станува збор за личност која е јавна, ја гледаме, таа го распостила својот раскошен талент на сцената, а сепак тоа било само хорорарно... 

Нашата актерка Марина Поп Панкова неодамна на Фејсбук напиша писмо до Дедо Мраз и си ја кажа целата мака. Ви го пренесуваме во целост:

„ Драг Дедо Мраз, пред некој ден син ми ти напиша писмо, па ме потсети дека и јас не сум ти пишала одамна. Извини, ама знаеш како е, гужви нон-стоп а и не сакав да ти здодевам и јас. Но, оваа година решив да верувам во чуда, па си викам, ај да ти пишам, да се консултирам и со тебе, па ако може да ми фатиш некоја врска.

Поминаа 18 години од моето дипломирање на ФДУ ( знам и мене не ми се верува, ама толку се), а јас се уште не сум вработена во ниту еден театар. Веројатно и ти како и многумина други мислиш дека одамна сум си го нашла местото во некоја театарска куќа, ама не, Дедо Мраз- не сум. А бев навистина вредна, не ме мрзеше да одам и да работам секаде кадешто ќе ме поканеа. Малку е непријатно да зборувам за себе, да не помислат дека се фалам, па затоа ќе ти напишам дел од мојата биографија. Таа вели дека имам 34 театарски премиери ( од кои повеќе од половината се главни улоги), 9 филмски улоги, 9 улоги во телевизиски серии, 6 детски претстави изиграни повеќе од 500 пати ширум државата, 80 епизоди на Македонски народни приказни, реклами, нахсинхронизации, итн. Ни самата не знам колку пати сум упаѓала како замена за некоја колешка во претстава којашто не е моја. Сум гостувала на речиси сите наши театарски сцени, 2001 година добив признание за најдобар студент, сум учествувала на десетици фестивали во и вон нашите граници... Досега се пријавив на 14 конкурси кои беа распишани од театрите, но повторно- НИШТО. Во ниту еден миг не престанав да работам на сцена, ниту пак се откажав од мојата професија, а сепак тоа не беше доволно за да се вработам..

Молчев и сакав да верувам дека се цени трудољубивоста, талентот, богатиот курикулум, посветеноста, пожртвуваноста, дишењето за театарот, но по сиве овие години гледам дека за жал не е така.. Наидов на многу сопки, понижувања, лажни надежи, сплетки, озборувања, празни ветувања, но не успеаја да ми го убијат ниту ентузијазмот, ниту пак љубовта кон театарот. Не успеаја да ме натераат да се сомневам во сопствениот квалитет, бидејќи ако го немав, мојата биографија ќе беше многу посиромашна. Театарот е МОЕТО место, таму припаѓам, без него сум само привид.

Па, затоа Дедо Мраз, ај те молам договори се со Новата 2021 година, ако е возможно да ми ја исполните мојата долгогодишна желба- Да си го најдам своето одамна заслужено место во некое убаво театарско семејство. Каде заедно ќе растеме, ќе си играме, некогаш и ќе се караме, но ќе се радуваме затоа што сме одбрани да ја создаваме магијата наречена- ТЕАТАР.

Срдечно твоја, Марина Поп Панкова“

Фото: Фб.