Помеѓу небото и водата
Не знам, навистина не знам
Оти не сум стасала да ја имам
Ама сум чула
Ете сум начула оти има љубови
Кои кога се раѓаат
Небото и водата се спојуваат
Та не знаеш до каде е водата
Ниту од каде небото почнува
Силни и во светлина искапени
Чиниш три сонца во нив изгреале
Та од ТАА и ТОЈ само НИЕ останува
Во кое никој од себе не губи и свој си е
Ама пусто
Во НИЕ светнуваат и обајцата
Небаре се нашле и во овој живот
За да си ја продолжат љубовта од претходниот
Не знам
Јас мудра не сум и не знам дал ќе бидам
За да прикажувам за љубов голема
Ама сум чула дека љубови има
Кои на платно останале
И кои во стихови опеани биле
За кои ти раскажувале приказни
Покрај разбаботена печка и со чаша вино
Од кои ем убо ти е ко ги слушаш
Ем мака ти е што ниту една твоја не била таква
Та во себе тивко се помолуваш
Барем еднаш дур си жив
И ти љубов ко нивната да сетиш
Има љубови
Мене за една таква ми зборувале
Во кои еден ко ќе си замини
И овој земски свет ќе го напушти
Другиот со половина душа останува
И ќе се крепи
Вака или онака деца ќе изгледа
Внуци ќе исчува и ќе им се радува
Ќе пее и ќе се смее
Ама никојпат со сето срце
И никојпат ист не ќе е
Оти после таквите љубови
Меѓу небото и водата црна линија има
И секој ден подлабока и поширока е
Дур едно утро само црнило не се гледа
И по некој спомен за синилото на небото и водата
И си тера така тој живот половичен
Дур и на другиот времето не му стаса
Та да не знаеш дал солзи да лееш од жал
Или од радост оти пак во НИЕ ќе се нурни
Оти колку и однатре да те боли
Те теши оти има кој да го пречека
И има кај кого да замини
Како да не минале години помеѓу две згаснувања
Ете така велат
Дека такви љубови има
Во кои небото и водата едно се
Меѓу кои црно станува кога еден си заминува
За повторно синото во сино да се претопи
Како небо
Како вода
Како нов живот
Како живот и после смрт