Распнување и воскресение

Добивај вести на Viber

Тежок е денот во кој умира надежта

Како распната 

Како за навек закована 

За чоечкото во чоек да не остани

И црно сонце земјата да ја запусти 

Тежок е денот кој ноќ станува

И без ниет некогаш да обели

Та чекорот товар ти е

Чиниш в земја нозете ти тонат

Како во песок жива која те голта

Тежок е денот во кој мислата ти замира

И молкот на усните ти се лепи 

Како камен во устата да имаш

Со јазикот здрвен, како твој не е 

А грлото за плач затворено

Тежок е денот во кој невините страдаат

И во кој милоста немоќна пред злото е

Чунки ѓаолот на плеќи ти заседнува

И таму ти се одомаќинува

За удолу душата да ти ја носи

Тежок е денот во кој се одродуваш

И со себе 

И со другите непријател стануваш

Очи во очи со никој не се погледнуваш

Од пусти страв внатре што ќе видиш

Тежок

Тежок е денот

Во кој леснотијата одамна закопана е

И во кој срцето не си го слушаш како баботи

Та само коските ти крцкаат од бол

И ти се причинува оти шупливо внатре ти е

Тежок е денот во кој ти умира молитвата

За здравје и љубов

За бериќет и спокој

За сила со која сите искушенија ќе ги изврвиш

Ама ете

И во сета тежина на денот кој е проколнат

Вербата како никулец ти ‘рти

И како свежо ветре во пеколно утро ти иди

За да не заборавиш да дишеш

Да се потсетиш да издишеш

Да си ја побараш во себе љубовта

За себе

За чоекот во тебе

За тој покрај тебе

За живот

За радост

За воскресение...за воскресение