Секој ден се молев за мајка ми: Огнен Здравковски за искуството со коронавирусот

Пејачот Огнен Здравковски и неговата мајка Софче Џорлева по три недели можат нормално да продолжат со животот. Огнен на социјалните мрежи на 6 август објави дека е позитивен на вирусот Ковид-19. Неколку дена потоа сподели дека и неговата мајка Софче од познатото музичко семејство Џорлеви, сестра на виолинистот Зоран Џорлев, се бори со вирусот и била со тешка клиничка слика. Сега, откако и двајцата добија по два негативни теста, и постепено му се враќаат на нормалниот животен тек, Огнен своето искуство со болеста го сподели за Женски магазин.

„ Прво се појавија симптоми кај мајка ми, температура, кашлање и отежнато дишење, и по 2 дена кај мене и кај татко ми. Веднаш штом се појавија симптомите се изолиравме и закажавме тестирање. Тоа беше пред нешто повеќе од три недели. Имав температура, ама ми траеше еден ден, а кај мајка ми 5 дена без симнување. Потоа бев омалаксан и без сила, и го изгубив осетот за мирис и вкус. Сега фала му на Бога сум добар, ми се врати и силата и енергијата, а исто така и осетот мирисот и вкусот. Пред неколку дена го направив и вториот тест кој е негативен“, ни раскажа пејачот кој во регионалниот музички натпревар „Ѕвездите на Гранд“ беше во екипата чиј ментор е Марија Шерифовиќ.


Огнен вели дека во изминативе недели, тој бил повече загрижен за мајка си, отколку за себеси.

„ Јас сум многу приврзан со мајка ми, таа е мојот најголем идол животот. Жена, мајка, лавица, кралица. Искрено, мајка ми има поминато и победено и потешки и полоши работи од  Короната, но кога видов колку ѝ се влошува состојбата, искрено не знаев што ќе биде, но сепак верував и мислев позитивно. Само се молев секој ден дење ноќе на Бог да ја спаси и да ја зашити. Му благодарам што ја врати дома здрава и жива. Секако огромно благодарам на целиот тим од Инфективното одделение.

За својата мајка, која сега е дома Огнен вели дека е во стабилна состојба и добро се чувствува.


„Уште ѝ се нема вратено силата, ќе треба малку време за тоа, но ќе биде сè супер. Најбитно е дека ја победи битката, и дека си дојде дома. Сега внимавам многу на неа, ѝ давам да пие многу витамини, да јаде овошје, зеленчук и здрава храна“, додава Огнен за својата мајка.

Младиот пејач вели дека болеста многу го променила.  Откако го добил позитивниот резултат од тестот и останал дома во карантин, имал доста време за размислување за многу работи и за многу одлуки кои ги донел. Татко му им давал најмногу сила и најмногу им помогнал, тој и мајка му да го издржат тешкиот период.

Токму кога Огнен дозна дека е позитивен на Ковид-19, тој ја промовираше својата нова песна „Љуби ме“.


„Датумот за промоцијата за мојата нова песна беше веќе планиран уште пред да се разболам од Ковид. И веќе не можеше да се смени бидејќи сè беше веќе догооворено со „Гранд продукција“, но не е битно, супер си дојде. Секое зло за добро е. Моменталните планови за македонскиот и за српскиот пазар ми се да промовирам уште две песни до крајот на оваа година со македонски и со српски верзии, па ќе видиме како ќе биде, прво да сме здрави и живи па сè останато. Неостварен сон ми е да снимам дует со мојата менторка Марија Шерифовиќ, се надевам дека тој сон ќе ми се исполни во иднина“, вели Огнен.


Додека траеше неговот натпреварување во „Звездите на Гранд“ медиумите пишуваа дека е во со неколку српски пејачки.

„Неодамна наште пишуваа дека сум во врска со Ноне Неделковска. Ни тие ни тие информации не се точни. А, за љубов, таа секогаш постои. Без вистинска љубов не се живее, а дали сум сега во врска потрудете се да дознаете сами“, вели Огнен низ насмевка.


М.Џаровска