Советот за етика во медиумите ја потврди професионалната работа на новинарите на Женски Магазин

Гарванлиев се пожали на нашиот коментар - Советот за етика во медиумите одговори:

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата

одржана на 31 март 2021 година, врз основа на примена жалбa од Јелмаз Дервиши, ја донесе

следната:

О Д Л У К А

ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕОСНОВАНА

Интернет – порталот „Женски магазин.мк“ со текстот насловен „Гарванлиев и на Прочка, дали можеме да ти простиме?“ не ги прекршил етичките и професионални стандарди.

ЖАЛБА

До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 18 март 2021 година, Јелмаз Дервиши, во име на тимот за односи со јавност на годинешниот македонски претставник на Евросонг 2021, Васил Гарванлиев, поднесе жалба за текстот со наслов „Гарванлиев и на Прочка, дали можеме да ти простиме?“, објавен на 14 март 2021 година, на интернет – порталот „Женски магазин.мк“ (www.zenskimagazin.mk).

Во жалбата се наведува дека текстот содржи неточно и нефер известување, пристрасност и неурамнотеженост во информирањето, незастапена втора страна, дискриминација и мешање на факти и мислење, вест и коментар, односно дека Кодексот на новинарите на Македонија е прекршен во членовите 1, 10 и 13.

Подносителот на жалбата вели дека медиумот не обезбедил јавен став од вклучените чинители и оти не е извршена соодветна проверка на изворот на информациите и фактите.

Од тимот на Гарванлиев, меѓу другото, посочуваат дека со ваков тип на спорни содржини се нарушува личниот интегритет, имиџ и творештво на Гарванлиев, како и на неговото семејство. Поради горенаведеното, подносителот на претставката Јелмаз Дервиши, бара повлекување на спорната содржина и јавно извинување, поради, како што потенцира, пристрасното и непрофесионално известување во врска со делото и учеството на Васил Гарванлиев на Евросонг 2021.

ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ

Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со интернет – порталот „Женски магазин.мк“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Медиумот одговори на наводите на жалбата.

Од „Женски магазин“ веднаш изразија подготвеност да се отпочне процес на медијација со жалителот и случајот да се затвори по пат на помирување. Од медиумот појаснија дека веќе стапиле во контакт со подносителот на жалбата Јелмаз Дервиши и дека договориле интервју со Васил Гарванлиев, на кое, како што посочија, евровизискиот претставник ќе имал можност да одговори на сите прашања од интерес на јавноста, а со цел да се расчитат дилемите.

Сепак, во комуникацијата со жалителот од страна на Советот за етика, Девиши не го прифати предлогот на „Женски магазин“ и ја отфрли можноста спорот да се надмине по пат на медијација, образложувајќи дека тоа не е доволно да се затвори случајот.

„Доколку процес на медијација подразбирате дека со едно интервју од страна на наведениот медиум ќе се намали штетата направена врз угледот и кариерата на Васил би сакал да Ве известам дека нашиот одговор е негативен. Во најмала рака бараме повлекување на насловот и колумната на новинарката Соња Неделковска и јавно извинување. Имено, ќе повторам насловот на самата колумна ја става авторката во улога на “Бог„ дали ќе му простиме, без притоа да се повикаат на аргументи каде, зошто и на кого згреши Васил, односно направил “грев“, наведува подносителот на жалбата.

По ставот на Дервиши, кој побара јавно извинување и отстранување на спорната содржина за да се надмине спорот, одговор испрати и авторката на оспорената колумна, Соња Алексоска Неделковска.

Таа во името на медиумот „Женски Магазин“ посочи дека нема намера да се извини, ниту би прифатила да се отстрани нејзиниот текст. Потенцира дека, како искусен новинар кој присуствувал на десет изданија на Евросонг, стои зад секој напишан збор, дека не навела ниту еден навредa во коментарот и оти се водела единствено од факти.

Алексоска Неделковска појаснува дека нема ништо спорно во тоа што Гарванлиев имал два пасоша, ниту било спорно да се менува спотот пред да се испрати конечната верзија. Вели дека тој веќе ја разбранувал јавноста уште пред нејзиниот коментар.

„Најголемиот гнев го предизвика со видеото кое го дал за еден медиум лани во февруари. Водителот на почетокот од разговорот констатира „Вие сте граѓанин на Северна Македонија“, а тој со возбуда дополнува и на Бугарија и крева два прста. Зошто? Зошто спомнува друга земја кога тој е единствено само наш претставник и негова задача е да ја промовира Македонија. Но уште на почетокот на разговорот да се форскираат подеднакво две земји е преседан. Во текот на разговорот многу мудро се однесува при спомнувањето на името на нашата земја. Промовирајќи се само себеси, вели дека е од Струмица, од другата страна на државата“, посочува Алексоска Неделковска.

Таа, меѓу другото, додава и дека делови од нејзиниот коментар Македонската радио телевизија ги посочила и во своето обраќање во јавноста, што ја потврдувало нејзината анализа како точна.

ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и едногласно одлучи дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија.

Комисијата во оспорениот текст не констатираше неточно и нефер известување, пристрасност и неурамнотеженост во информирањето, незастапена втора страна, дискриминација и мешање на факти и мислење, вест и коментар, ниту прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија во членовите 1, 10 и 13, на кои упатува жалителот.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА

На седницата на 31 март 2021 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина.

Комисијата, најнапред, утврди дека се работи за колумна/коментар, новинарски жанр кој сам по себе дозволува послободен израз, преку кој авторот може да ги искаже своите ставови и вредносни судови и до степен на претерување, ако тоа, како во случајов, не ги надминува границите на слобода на изразување.

Авторот, преку хронологија од настани, врши критички осврт на постапките на македонскиот претставник на Евросонг 2021, Васил Гарванлиев, кои предизвикаа силни реакции во јавноста, пред сѐ, поради сензитивноста на македонско-бугарските односи. Авторот на текстот ја следи македонската музичка и евровизиска сцена, па оттука и прашањата и дилемите кои ги отвора во колумната се и издржани и оправдани. Во колумната се испочитувани моралните стандарди и правото на „фер коментар“, фактите врз кои се темелат искажаните ставови се веродостојни, а јазикот на авторот не излегува од рамките на разумните граници на слобода на говор.

Став на Комисијата е дека самиот текст произлегува од јавниот интерес и дека јавните

личности, во случајов, македонскиот претставник на Евросонг, е легитимна новинарска цел и

не смее да биде изземен од прашања за кои јавноста има право да биде информирана.

Јавните личности треба да го прифатат фактот дека се, особено преку медиумите, подложни на постојан јавен надзор и потенцијално силна јавна критика за нивното однесување. Се работи за официјален претставник на држава на меѓународна манифестација и затоа тој треба да биде свесен дека границите на прифатлива критика се пошироки во однос на него, исто како и степенот на толеранција кој треба да го покаже во однос на евентуалните јавни критики.

Оттука, Комисијата најде дека оспорениот текст на „Женски магазин.мк“ е етички и професионален и не излегува од начелата на Кодексот на новинарите, пред сѐ, и поради фактот дека се работи за колумна/коментар, кој дозволува поостар критички израз и не подлежи под стандардните новинарски правила, како на пример, правилото за „втора страна“.

Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено. 

Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Мери Јордановска, Теофил Блажевски, Лилјана Пецова – Илиеска, Ердем Ахмет и Димитар Мицев.

Се обврзува интернет – порталот „Женски магазин.мк“ (www.zenskimagazin.mk), во согласност со членот 18 од Деловникот за работа на Комисијата за жалби, да ја објави оваа одлука.

Со почит,

Совет за етика во медиумите на Македонија 

Претседател на Комисијата за жалби

Мирче Адамчевски