Ве преколнувам, немојте да живеете за децата

„Ве преколнувам, немојте да живеете за децата! Не само што не им е потребно тоа ним, туку е и штетно... Колку промашени судбини, скршени срца, навреди и неразбирања. 

Гледам жени кои се откажуваат од се во животот поради децата. А потоа ги гледам децата поради кои нивните мајки се откажале од се... Тажна глетка...

Мајката сама го одгледуваше Вања. Никогаш не се омажи, се му даваше на синот, му купи стан, го школуваше. Стана прекрасен маж, успешен. Сега има педесет години. Никогаш не се ожени и нема деца. Цел живот се труди да и го врати долгот на мајката, кој не го бараше. Не му успева.

Таткото на Дора работеше деноноќно заради децата. Имаше големи планови – посебно за ќерката. Таа беше многу паметна. Тој мечтаеше таа да стане лекар. Ја запиша на факултет, но таа се отпиша. Сакаше да живее свој живот, на свој начин. Сакаше да биде уметник. Таткото се обиде да ја вразуми и и' достави сметка. Пресмета колку чинело училиштето, секциите, приватните часови, облеката, храната...и побара од неа да го врати долгот. Излишно е да се каже дека Дора повеќе никогаш не го виде татко и. Поминаа оттогаш триесет години.

Мајката на Ина се откажа од личниот живот. По разводот не се гледаше со никого, се плашеше да не ја истрауматизира ќерката. Ќерката порасна и не можеше да ја остави мајката сама. Сега има четириесет години, не е мажена и нема деца.

Ѓорѓи, долго чекано дете. Сите над него се треселе, се грижеле, го чувале, дури и премногу, ако ја говориме вистината. Неговата мајка од него сакала да направи вундеркинд. Го научила неколку јазици, одел во неколку секции, свирел харфа. Мајката се гордеела со синот и секогаш го молела да им отсвири нешто на гостите. Харфата е толку егзотична. Ѓорѓи е во петтата деценија од животот. Се разведува. Неговите деца ги воспитува друг човек. Ѓорѓи нема ништо против. До ден денес не научил што сака од животот. Не стана вундеркинд. Сега пие. Пред да оди на работа, наместо откако ќе се врати. Мама тоа не го гледа.

Малку ли има вакви приказни? Кога детето ќе стане смисла на вашиот живот, тоа за него е претешко бреме. Тоа е како да е заклучено во соба во која порано или подоцна ќе снема воздух. Во почетокот е можно да се живее така, но после почнуваш отежнато да дишеш. Дишеш отежнато од љубов и грижа.

И не е доволно што дваесет и неколку години живееш во загушлива животна пустина, туку стануваш и должен. Ти се поднесува сметка и чувствуваш како да си на гости, а не дома. И секако, би им помогнал на домаќините на сопствена иницијатива. Но сега на тацна ти се сервира сметката за дваесет години.

Понатаму постојат неколку варијанти. Детето може да ја плаќа таа сметка вечно. Како Вања и Ина од почетокот на приказната. Или да протестира , да почне да пие и да ги прекине сите врски – како Дора и Ѓорѓи. Ретко кој е кадарен да го разбере и прифати таквиот однос на родителите. Да разбере и да прифати, а притоа да не го жртвува својот живот и своите интересирања.

Затоа ве преколнувам, не живејте за децата. Најдете друга смисла на животот, најдете друга смисла на мајчинството и татковството. За да малите девојчиња и момчиња, доаѓајќи на овој свет, не станат заложници на вашата добрина и грижа.

Сакајте го вашиот сопруг. Оставете ги децата да пораснат и да отидат. Сопругот останува со вас. Вие можете да им дадете пример на вашите деца, за самите да посакаат да имаат семејство и деца. А можете и да им ја униете секоја желба, ако бидете опседнати со проблемите на децата и го игнорирате односот со сопругот.

Сакајте се себеси. Не се заборавајте себеси трчајќи по среќата на децата. Не се одрекувајте од нов фустан, заради нов робот. Не го менувајте козметичарот за приватен учител. Ако не водите сметка сами за себе, што можете да дадете на друг? Каков пример? Каква љубов? Од каде?

Не живејте за децата, ве преколнувам. Кога ќе сретнам луѓе на кои родителите им овозможиле се' во животот, па и повеќе од тоа, многу ми е тешко да ги гледам во очи. Во голема мера се препознавам себеси и својата болка. Ги гледам истите маки, скршени срца, празни души. Крици за помош во нивните очи. Тие, како и сите деца – имаат силна желба да ги сакаат своите родители. Но во овој случај – нема да можат.

Дајте им на своите деца можност да живеат и да дишат. Тогаш ќе можат да растат и да се развиваат. Така како што ги води сопствениот пат. Нашата улога како родители, во преносна смисла е: да наводниме навреме, да не го криеме сонцето и да заштитуваме од штетници. А понатаму детето, како цвеќе ќе се снајде само, ќе го исполни најдоброто што го носи во себе и ќе расцвета во полн сјај.



Автор: Ольга Валяева/Извор-Foto: detinarije.rs