Ана Бунтеска: Кога љубовта умира

Добивај вести на Viber

Кога љубовта умира

Е како чоек ко ќе оболи

Та станува истенчена

Со темни кругови под очите

Ниту се храни

Ниту сон ја фаќа

Ете

Љубовта кога умира

Секогаш ја снемува на два пати

Еднаш во едниот згаснува

А другиот пат во оној

Кој уште некое време со себе ја носел

Та се чини оти на две се поделила

И секоја половина заминала 

Кај двајцата меѓу кои живеела

И ксмет има оној

Кај кој поскоро ќе си замине

Оти тој побрзо се залекува

И веќе по друг пат кинисува

А кај другиот

Е кај него старите шо велат

Господ на помош да му биди

Оти тој на два пати погребува

Првиот пат кога саканиот заминува

А вториот кога љубовта и од него си оди

Само што одењето никојпат набрзина не е

Туку ко болест тешка

Кога глода и однатре и однадвор

Која јаде и најаска нема

Ненаситна во болката

Неуморна во страдањето

Кога љубовта умира

Умира и по еден здив од чоека

Оној кој за тој до него го чувал

За да му се надиши

За во себе сета убост да ја изголта

И среќа имал оној

Кој прв плоча на сакањето става

Без со себе да ја носи денови

Кои ко векови тежина си носат

Оти оној кој љуби

Кога повеќе љубен не е

На два пати душата му венее

И на два пати срцето му се крши

Еднаш за чоек

Еднаш за себе

Дур сенката си ја гледа

Натежната од спомен

За едно време во кое имало верба

Оти љубовта никогаш не умира


За Женски Магазин, Ана Бунтеска