Ана Бунтеска: Сите патишта кон тебе водат
Сите патишта кон тебе водат
Сосем сеедно по кој ќе кинисам
И во кој правец ќе заминам
Секогаш до тебе стасувам
Како клетва
Како некој да ме проколнал
Дерман од тебе да немам
Сите мои патишта накај тебе водат
Дали в лево
Или на десно ќе фатам
Дал напред
Или наназад ќе појдам
Ниту еден надвор од кругов не е
Чиниш магија некој на патов фрлил
Сите патишта кон тебе водат
Та наместо патоказ
Некој одамна закопан спомен
Како страшило од под кревет ќе излези
И сиот свет во тој миг застанува
Заедно со моево дишење
Кое повеќе и не се слуша
Сите мои патишта накај тебе итаат
И чекорот не си го навјасувам
Од душава што накај тебе трча
Чунки умот не ми иди оти се препнувам
Ко мало дете коленици си драскам
Па и болката тогаш слатка е
Небаре со слатко од смокви послужена
Сите патишта
Сите можни патишта кои ги одбрав
Повторно кај тебе ме враќаат
Колку и главава да не сака
Срцето последен збор има
Та си велам
И некојпат со себе се расправам
Оти на арно не е
И на арно не ќе биди
Пак заедно да завршиме
И на нашата приказна запирка да ставиме
Кога секогаш во истата точка пукаме
И повеќе се мразиме отколку што се сакаме
Ако веќе и не сме заборавиле што љубовта е
Сите патишта со иста горчина завршуваат
Дури и оние кои не сме ги изоделе
Дури и оние кои никојпат нема да ги изврвиме
Оти знаеме
И ти
А и јас не сум заборавила
Оти ние двајцата
Само во ќорсокак еден со друг се среќававме
За Женски Магазин, Ана Бунтеска