Бевме и менаџерки и „дечки“ што местат опрема: Бизнис приказната на Ивана и Марија

Април во Скопје ќе биде поразличен со новото издание на The GENTLEMEN’S EXPO’19 - „WHISKEY Edition“ во организација на Боттега Евенти. Во текот на двата EXPO денa ќе биде претставена добра селекција на брендови кои ги преферираат мажите. За прв пат ќе биде организирана дегустација на преку 20 различни видови нa виски, а она што е особено впечатливо е што овој типичен машки настан го организираат жени.

Ивана Новакова Куновска и Марија Зекманoвска Митреска другаруваат уште од деца кога заедно оделе на хор, а во 2012 година, во еден сѐ уште тежок претприемачки период, одлучуваат да отворат своја компанија која полека ќе ја градат и издигнуваат. Ја поставуваат како евент рентал компанија, фокусирајќи се на функционален дизајн, нешто што во тој период навистина фали во уредувањето на настаните. Носат дизајн форми како модуларни елементи за изнајмување од шпански и од италијански производители на светлосен мебел, конкретно од Валенсиа и Милано.

- Почетоците нѐ втурнаа во еден домен каде што доминираат мажите - евент рентал менаџмент. На сите настани се среќававме со останатите екипи составени од мажи. Почнавме да комуницираме и да соработуваме со сите. При договарањето на настаните бевме менаџерки, при местењето на настаните бевме "дечки" што местат опрема. Јас поврзував кабли, Марија ги полираше светлосните елементи  - раскажува Ивана.

Ивана Новакова Куновска

„Се плашиме дека сѐ уште е така“, надополнува Марија.  Таа нагласува дека сега се силно екипирани, но дека ништо не оставаат на случајност.

- Боттега Евенти денес е успешна и препознатлива компанија по својата инвентивност и следење на европските трендови при организација и уредување на настани. Компанијата сѐ уште брои малку вработени, но функционира совршено со своите долгогодишни надворешни соработници, како и со италијанските и шпанските партнери - објаснува таа.

Марија Зекманoвска Митреска 

Компанијата од евент рентал во меѓувреме се ориентира и кон целосен евент менаџмент. Почнале од 5 светлосни коктел маси од колекцијата MOMA и едно lounge сепаре од колекцијата PILLOW, а сега ги имаат над 150.

- Поради нивото кое го наметнува со стилот и работата, Боттега Евенти работи со поголеми корпоративни и приватни клиенти, но и нови клиенти кои сакаат да воведат иновации. Во последните три години, со својот самонаречен суперлаб дел, Боттега иновативно навлегува во една нова сфера, дизајн, микро и live кетеринг сервис, изработка на концептуални инсталации за храна и молекуларни перформанси во соработка со домашни експерти - професoри, научници во полето на молекуларна гастрономија, како и со лабараторија од Парис за иновативни производи на молекуларно ниво - раскажува Ивана.

Со ова ја воведуваат иновацијата како составен дел од настаните. Во 2018 го организираат својот прв самостоен проект, the Gentlemen's expo на кој ги обединуваат поголемите брендови од повеќе области од интерес на мажите. Програмата е од интерактивна до едукативна и забавна. Второто издание кое претстои ќе претстави добра селекција на брендови кои ги преферираат мажите. Фокусот на овогодинешното издание на The Gentlemen's EXPO  e виски, со цел да се соберат на едно место и сите компании - увозници на овие пијалоци и да се издигне виски културата и кај нас преку организирана дегустација на преку 20 видови на виски, сингл малтови.

- Ќе ви откриеме и една тајна.Пред поставувањето на концептот за TGE, идејата се разви токму од неговото височество Виски и нему сродни категории. Тоа беше проект кој не се изреализира, но прерасна во друга форма - открива Марија.

Нивниот следен проект е во соработка со организаторите на Whiskey Fest Sofia. Оваа есен, Боттега Евенти планира да го организира Skopje Whiskey Fest.

- Полуслужбено и полуприватно одбираме и уживаме да посетуваме саеми за дизајн во Европа како i Saloni, Maison et Objet, Imm каде црпиме инспирација, а понекогаш фаќаме и по некој евент - велат Марија и Ивана.

Ивана Новакова Куновска е дипломиран филолог на катедрата по италијански и француски јазик, а во 2006 година магистрира Меѓународен Бизнис и Јавни Политики во Палермо, Италија и се посветува на магистерската теза Емоционален маркетинг. По студиите, кратко време работи во Рим во невладина организација, се враќа во Скопје и почнува да работи како маркетинг и пр координатор во германска компанија од премиум автомобилскиот сегмент. Со тоа искуство полека навлегува во корпоративниот премиум маркетинг. Од 2012 е партнер и креативен директор во Боттега Евенти. Приватно е сопруга и мајка на две ипол годишни близначиња.

Марија Зекманoвска Митреска, пак, е дипломиран филолог на катедрата по англиски јазик. Кариерата ја започнува стабилно во 2005 година во позната ревизорска и консултантска компанија. Долгогодишното стекнато искуство во водењето и градењето на компании е основата на којашто ја гради и својата заедничка компанија Боттега Евенти, каде што е во функција на партнер и корпоративен директор. Таа е сопруга и мајка на 2 ќерки.

Ѓ.С.