Познавам многу врвни танчери, но никој не танцува како неа: Сузана Турунџиева за фантастичната Дени која боледува од церебрална парализа (ВИДЕО)

Дени Жерновска е талентирано девојче, на кое пеењето и танцувањето го водат низ животот. Иако боледува од церебрална парализа и е во количка, Дени секојдневно им пркоси на животните предизвици.

Овој пат со нејзината наставничка по музичко образование, Сузана Турунџиева, со насмевка на лицето танцуваат и се забавуваат.

- Познавам многу врвни танчери, балерини, но никој не танцува како неа: со срце, со очи, со душа, со секој атом енергија... Дени- напиша Сузана во описот на видеото.


Дома често си пејам и уживам во секоја музика. Некогаш забавна ама и народна кога одам на свадби - раскажа Дени во интервјуто за Женски Магазин и додаде дека кога ќе порасне би сакала да биде наставничка по музичко образование.

Уште откако се родила, поради нејзината состојба, родителите Ирена и Денис комплетно се фокусирале на пронаоѓање решенија  за ублажување на здравствените потешкотии на Дени со кои се соочувале.

- Бевме изолирани од секакви надворешни случувања. На секои два до три месеци,  одевме во Загреб и се обучувавме за изведување физикални вежби во домашни услови. Со Дени вежбавме по повеќе од пет часа на ден. Нашата дневна соба се претвори во сала за вежбање и наместо тепих имавме татами - со насмевка се присетуваат Денис и Ирена. 

Ангажирале и девојка која доаѓала неколку пати во неделата, која со своите приказни и песни ја стимулирала Дени преку игра да го даде својот максимум во вежбите.