Сè што сака е слобода, но судот пресуди: За животот на Бритни Спирс и понатаму ќе одлучува татко ѝ

Бритни Спирс е под надзор последните 13 години, но за жал иако се охрабри конечно да ја каже вистината за старателството од татко ѝ, судот не пресуди во нејзина корист, напротив.

Бренда Пени, судијката задолжена за надзор над старателството над Бритни Спирс, го одбила нејзиното барање да се отстрани Џејми Спирс од позицијата старател, пренесува Си-Ен-Ен.

Судијката вчера, среда, потпиша пресуда со која Џејми Спирс, таткото на Бритни, останува нејзин официјален старател и има контрола над нејзиниот живот. Деталите за пресудата сè уште не се откриени во јавноста.

Да потсетиме, Бритни минатата недела директно се обрати пред судот за случајот со контроверзното старателство. Таа рече дека сака нејзиниот живот да се врати и да стави крај на 13-годишното старателство што нејзиниот татко го има над неа.

„Толку сум лута што не можам да спијам и сум депресивна. Сакам да ме чујат сите... Сакам промени. Заслужувам промени", рече пејачката за време на сведочењето.

Таа се осврна и на пораката што ја сподели во средината на април, по емитувањето на документарниот филм Framing Britney, во кој ја увери јавноста дека е добро.

„Да, јас сум сосема добро. Јас сум исклучително среќна. Имам прекрасен дом, убави деца. Во моментов одмарам", напиша тогаш пејачката. Но, за време на рочиштето, Бритни откри дека изјавата е целосна лага.

Бритни исто така изјави дека сака да се омажи за своето момче и да роди дете, но тоа не ѝ е дозволено. Таа го обвини својот татко дека ја спречил да ја отстрани спиралата за да може да забремени. Таа исто така рече дека била принудена да зема литиум - лек за биполарно растројство - до тој степен што била замаена и не можела да зборува.

Имено, Бритни е под надзор последните 13 години, што ја спречува да носи големи одлуки во сопствениот живот (и лични и финансиски), а сите одлуки наместо тоа ги донесуваат нејзиниот татко Џејми Спирс и адвокатот Ендру Валет. Старателот исто така има овластување да го поништи полномошното во нејзино име, да одлучи каде ќе живее и да потпишува даночни обрасци во нејзино име.

Бројни познати личности и обожаватели на социјалните мрежи ја поддржуваат пејачката во борбата за слобода. Пред околу една година, на социјалните мрежи се појави движењето #FreeBritney.

извор:stil.kurir.rs

Со чадор ги нападна папараците, ја избричи главата, ги изгуби децата и правото да одлучува: Како Бритни Спирс ја изгуби контролата