Како сестри и на сцената и приватно: Приказна за придружните вокали Ана и Сара
Кога се запознавме, тоа беше вистинско препознавање една во друга, пријателство кое до ден денешен трае и се развива, со сѐ поголем интензитет. Ние сме си втора половина една на друга. Придружниот вокал мора да внимава да се „залепи „по боја и текст на главниот вокал, а притоа да не го покрие или да го натпее.
Се знаат многу одамна, а соработуваат речиси 20 години. На прсти се бројат домашните концерти, манифестации и фестивали на кои овие две дами ги нема на сцената. Во приказната за Женски магазин, Ана Костадиновска и Сара Николовска раскажаа колку е одговорна задача да си придружен вокал, и ни ја доловија приказната за нивното пријателство. Нивен најнов предизвик е мјузиклот „Мама миа“, каде што се ангажирани како вокални тренери на сите актери, го подготвуваат и хорот, и самите пеат во него.
Што сакам кај Ана? Се! Да се разбереме, не дека е совршена, напротив. Ја сакам нејзината несовршеност.- Ана и Сара
„Со Сара се знаеме многу одамна, уште од средношколските денови, а соработуваме речиси дваесет години! Бројка немам,но сигурно одамна поминала 1000, ако воопшто можеме да ги изброиме нашите заеднички настапи“, ни изјави Ана, која потекнува од музичко семејство. Таа е ќерка на композиторот Кире Костов и професорката по пијано Кармен Костова. И нејзината сестра Нина е музичар. Работи во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј како професор по хор и вокална техника и како вокален педагог во академијата за естрадно пеење „Ѕвездички“.
Сара семејно.- со Алек, Марко и Јана
„Имам чувство дека ја знам цел живот, се знаеме многу одамна, но почнавме да се дружиме во средно школо. Да, тоа беше вистинско препознавање една во друга, пријателство кое до ден денешен трае и се развива, со сѐ поголем интензитет“, изјави Сара Николовска за Ана. Сара е доцент на Факултетот за музичка уметност по предметот корепетиција практика, а истовремено и уметнички соработник на ФМУ.
„Улогата на придружниот вокал е многу важна. Придружниот вокал мора да внимава да се „залепи „по боја и текст на главниот вокал,а притоа да не го покрие или натпее. Сара е буквално мојата втора половина, ме надополнува, во секоја смисла и професионално и приватно! Она што би можело да кажам дека ме нервира кај неа е тоа што секогаш прави вистинска проценка на карактери и ситуации,а јас никогаш не ја слушам на време, хахаха“, изјави Ана за својата пријателка.
Се бара голема будност на сцената, затоа што ние сме потпора на фронтменот, негова сенка.- Сара и Ана
Сара пак вели дека ги сака сите особини на Ана. „Што сакам кај Ана? Се! Да се разбереме, не дека е совршена, напротив. Ја сакам нејзината несовршеност. Ја сакам нејзината безрезервна љубов кон луѓето, и воедно тоа и ме нервира кај неа. Ја дава и на тие што треба, и на тие што не треба“, ја опишува Сара својата пријателка.
Улогата на придружните вокали и за неа е многу важна. „Се бара голема будност на сцената, затоа што ние сме потпора на фронтменот, негова сенка, која треба да е идеално компатибилна во секој поглед“, коментира Сара. Таа со нас сподели една анегдота од многуте нивни настап, врзана за Тоше Проески.
„Во моментов се сеќавам на еден од многуте настапи со Тоше Проески, во Крушево, на втори август. Јас потечена во забот, не знам дали повеќе ме боли или ми е непријатно што морам таква да се качам на сцена. И, на цела мака, во полн занес, пеејќи, не забележав дека „елегантно“ го турнав микрофонот пред себе и пеев во „празно“, раскажа Сара.
Ана со сопругот Бобан и со ќерката
Таа и нејзиниот сопруг Алек се горди родители на осумгодишниот Марко и на 13 годишната Јана. Ана е среќно мажена за Бобан за кој вели дека иако не е музичар, има супер увце за ловење фалшови и многу истенчен вкус за музика. Нивна најголема љубов е шестипол годишната Марта, која е исто така талентирана за музика.
Таткото на Ана, композиторот Кире Костов со ќерката Марта
Милица Џаровска