Кога загина Тоше, од Германија веднаш заминав за Крушево: Искрено со Жељко Самарџиќ

Со сосема нов имиџ, нови песни и познатата насмевка и топлина поради која го сака публиката, Жељко Самарџиќ беше на гости во Скопје, за да го промовира концертот на 23 февруари, кој ќе се одржи во ВИП Арената. Специјален гостин на пејачот од Мостар кој живее во Белград, а го поминал целиот свет, ќе му биде Миле Кузмановски. Радувајќи му се на концертот, расположен за разговор, Жељко ни раскажа дека никогаш нема да го заборави својот прв настап во Скопје.

„ Малкумина знаат за ова. Беше тоа југословенски избор за песна на Евровизија во 1984 година во Универзалната сала, кога победија Владо Калембер и Изолда Баруџија. Јас ја претставував Босна и Херцеговина со групата „Рондо“. Тогаш за прв пат се сретнав со Калиопи, со Маријана и Росана. Веднаш се спријателивме и поради генерациската близина ни тргна разговорот. Росана би сакал да ја сретнам следен пат кога ќе дојдам во Скопје, за Маријана слушнав дека е во Австралија. А со Калиопи сум од тогаш добар пријател, мило ми е што тоа пријателство уште трае“, ни раскажа Самарџиќ.

За новиот албум „Мила“, Жељко вели дека му е особено драг, најмногу поради тоа што не е на продажба, туку го подарува на луѓето.

„ Со мојот тим решивме албумот воопшто да не се продава, туку да го подариме. На сите што ми пишаа на Инстаграм дека сакаат да го имаат, им го подаривме. На пример, мојата ќерка и зет, во Белград на Ушќе, имаат своја продавница за мобилни телефони. Само за нив испечативме 10.000 тираж, и го подаруваме на сите нивни клиенти кои ќе купат некој производ. Секаде каде што одам, носам по еден пакет со цедеа со мене, ги среќавам луѓето, им го подарувам, и тоа ми е многу мило, тоа ми е мерило дека луѓето ми ги сакаат песните“, додаде пејачот.

И за новиот имиџ поради кој на почетокот и најблиските пријатели не го познавале, вели дека е пресуден еден настап во Вевчани. По тој настап, Самарџиќ почнал да пушта брада.

„ Вевчани за мене е едно такво откритие, едно бајковито место во кое едвај чекам да се вратам. Прекрасно. Имав настап таа година во Античкиот театар во Охрид, а бев тазе вратен од море. Во Бока Которска поминав доста време на мојот брод и си велам: зошто да се бричам? Изгледав како Хемингвеј. Така се појавив на сцената на Античкиот театар во Охрид, со брада. И се пошегував со публиката. Им реков на македонски: го сакате ли Жељко? Тој уште не е дојден, јас малку ќе го заменам. Тогаш видов дека дел од публиката не ме препозна, сфатија дека сум јас дури кога почнав да пеам. Подоцна мојот кум ме однесе кај еден бербер, ми ја среди брадата и ете почнав да ја носам. Не знам дали ќе ја носам и понатаму, но гледам дека за мојата кариера е тоа сосема океј. Промената многу значи“, ни раскажа пејачот. Вели дека на семејството им се допаднал, сопругата го бендисува со брада, а ќерките понекогаш знаат да му дадат замерка, малку да ја скрати. 

„Секоја промена е убава, но човекот треба да се чува само од вишокот на килограми, тоа е најголемиот непријател. Сето останато не е страшно“, откри Жељко. 

Кога слушнавме што се случило, мојот менаџер Саша и јас, право од Германија заминавме во Крушево, во куќата на родителите на Тоше да им изјавиме сочуство.- Жељко и Тоше 

Негов близок колега и пријател беше Тоше Проески. Жељко се сеќава дека не денот на трагичната несреќа, кога загина Тоше, тој со неговиот менаџер бил во Германија. „Кога слушнавме што се случило, мојот менаџер Саша и јас, право од Германија заминавме во Крушево, во куќата на родителите на Тоше да им изјавиме сочуство. Воопшто не застанавме во Белград. Без оглед на нашата генерациска разлика, тоа беше едно прекрасно пријателство“, вели Жељко и ја опишува првата средба со Тоше.

„Се запознавме во Охрид на еден фестивал. Тој ми пријде, ми подари негова касета. „Одлепив“ на неговиот глас. Некоја година подоцна, се сретнавме пак на фестивал во Херцег Нови. Беше пораснат, не го препознав. Го прашав: „Од каде си момче?“ Кога ми кажа дека е од Македонија му одговорив: „Има еден пејач, се вика Тоше, фантастично пее, имам негова касета“. Ми се насмевна онака како што тој знаеше и ми рече: „Па, јас сум тој“. Од тогаш, станавме пријатели. Потоа отидов да го поддржам на неговиот прв голем концерт во белградската Арена на 14 февруари во 2007 година, а тој а да ми возврати веднаш пред цела публика ми го изрекламира концертот за осми март, во истата сала. И тоа беше еден од моите најпродавани концерти во кариерата, продадовме 20.000 билети“, вели Жељко за Тоше. 

На својот брод во Бока Которска, Жељко со сопругата Маја и со внуците Лука, Алекса и Нина

Иако за себе вели дека е човек од стариот ков, некој кој ужива во дружбата со луѓето, во својот брод, со семејството, Самарџиќ е активен на социјалните мрежи, најмногу на Инстаграм. 

„ Ќе ти раскажам една интересна работа. Има една двојка од Сплит, Џана и Дује се викаат. Тие ме следат на Инстаграм и јас нив, секогаш знаат да ми пратат по некое срце, некој коментар, да ми пофалат песна. Пред извесно време видов нивна слика на Инстаграм од Белград. Им пишав веднаш: „Можам ли јас да ви бидам домаќин во Белград,  бар на еден ден? “ Се сретнавме, бевме на ручек и од тогаш сме пријатели. Ете како тие социјални мрежи можат да ги зближат луѓето“, раскажа Жељко низ насмевка. Тој вели дека ги следи сите негови колеги на Инстаграм и им даваа поддршка, без оглед на тоа дали лично се познаваат. Таков е случајот и со македонската фолк-пејачка Татјана Лазаревска. „Татјана ме заследи мене, јас неа, и сега често си пишуваме и си даваме поддршка. А лично не се познаваме. Но, тоа е таа колегијалност која треба да постои“, вели Жељко. 

Со сопругата и со ќерките 

За крај, тој со гордост ни раскажа за своите внуци, Лука кој има 13 години, Алекса 12 и Нина, 7. „Моите три ќерки ги советувам да не ги испуштаат од раце своите деца. А со внуците најмногу се дружам во лето, кога сме заено на море, ги носам да ловиме риба, и просто ги учам на некои најважни животни вредности. Многу сум горд на моите три ќерки. Не е лесно од еден помал град каков што е Мостар да дојдеш во милионски како Белград, и да останеш човек“, вели Жељко и додава дека заслугите за здраво семејство секогаш ги има жената, во случајот, неговата Маја, која му е љубов од средношколските денови. 

Милица Џаровска