Женски магазин ги одбра 12-те величенствени жени: Силни, храбри и независни Македонки
Што имаат заедничко? Тие не се статус кво. Тие се самоуверени и бескомпромисни во однос на своите доблести, непретенциозни, со длабоко вкоренети убедувања.
Силните жени се прогресивни. Поради ова, тие се принудени да бидат итри, проактивни, разумни, прагматични и не се плашат од предизвици. Поради нивната тенденција да водат, тие не се меѓу оние кои ги следат масите.
Овие жени се способни да бидат сами, но се доволно проникливи за да разберат кога им треба помош и доволно храбри да ја побараат. Тие се координирани и уредни. Ќе ги признаат и ќе се извинат за своите грешки, недостатоци и заблуди. Тие сигурно знаат дека никој не е совршен, вклучувајќи ги и нив.
Силните жени знаат да кажат не и без извинување. Жена која вели „не“ а тоа го мисли, значи дека е искрена. Таа нема да ви каже „да“ само за да ве смири.
Ние имаме вакви жени! Ги туркаат границите, создаваат, пленат, освојуваат нови височини, се борат... Најчесто се инспирација со нивната силина, претставена на најразлични начини.
Женски магазин започнува со претставување на дами кои се двигатели и најдобри во она што го создаваат и работат. За секој месец, во годината претставивме по една таква жена.
Каролина Гочева ја избравме за Жена на месец јануари. Покрај нејзината посебност и квалитети кои ни се добро познати, оваа година таа ја започна работно, со двата концерта во Националната опера и балет, со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски.
*Според тебе, што е најголемата женска сила?
-Најголемата женска сила е мудроста, истрајноста, издржливоста, безусловната љубов која ја имаме за своите најблиски, способноста да ги совладаме и најнепредвидливите препреки.
Целото интервју со Каролина Гочева, тука.
Жена за месец февруари 2023 година (иако таа е жена за сите времиња) ја избираме Маја Андоновска Илијевски.Андоновска Илијевски е актуелната директорка на Центар за култура Битола и актерка во националниот театар во истоимениот град.
* Дали во Македонија има доволно жени на раководни функции и дали вие сте се соочиле досега со некаков пртисок од машка страна?
- Јас не верувам и не им потклекнувам на притисоците, без разлика дали доаѓаат од маж или жена . Секој изрежиран притисок, мене ми е само уште еден предизвик кој планирам да го надминам, и потоа со насмевка да му одговорам.
Тенденцијата да има жени на раководни функции расте сè повеќе, и јас искрено се радувам. Верувам дека ние жените навистина светот можеме да го водиме на еден пософистициран начин , многу потолерантен и поодмерен од мажите.
Целото интервју со Маја Андоновска Илијевски, тука.
Жена за месец март ја избираме Дана Стојкова. Таа е Национален менаџер за продажба –во Avon, а оваа титула ѝ припадна месецов токму поради она што го прави за жените. НЕСЕБИЧНО ИМ ПОМАГА НА НАЈНЕЗАШТИТЕНИТЕ. Оние кои се борат со насилство.
*Според вас, кои се принципите на патот до успех за една современа жена?
-Сметам дека нема формула или правило за некоја жена да стане успешна. Мене лично, интегритетот, конзистентноста и истрајноста ми се принципи во кои верувам дека многу придонесуваат генерално во сите човечки релации. Во комбинација со голема страст кон тоа што некој го работи, може да создадат успешна приказна.
Целото интервју со Дана Стојкова, тука.
Жена за месец април 2023 година ја избираме Билјана Караманолевска.Таа е на чело на приватните градинки „Светот на колорес“ веќе седма година.Тие се институција која ги помести границите на предучилишно воспитание, со специфичниот концепт на работа.
*Која е Билјана Караманолевска приватно, што значи да се биде успешна жена менаџер и која е всушност тајната за баланс меѓу приватните и деловните обврски?
- И на приватен и на професионален план пред сѐ сум независна и самоуверена жена! Сопруга и мајка на две прекрасни деца. Успешна во она што го работам како резултат на љубовта кон работата и децата. Секогаш спремна да ги прифатам ризиците и храбро и одлучно да се носам со нив. Постојано водена од нови идеи и нови предизвици.
Тајната за балансот меѓу приватните и деловните обврски е мојата енергија. Моќ со која сама пред себеси се докажувам. Мојата фамилија е мојот најголем благослов. Семејството е моето рамо на кое секогаш и во било кое време можам да се потпрам. Кога сме заедно, имаме сѐ.
Целото интервју соБилјана Караманолевска, тука.
Ребека Јанковска Ристески е избрана од нашиот магазин за жена на месец мај.Таа е жената која ја нарекуваат лавицата со челични крилја и им дава таква способност за „летање„ на другите, посебно на децата со одреден хедикеп, аутистичен спекатар на однесување и такви од ранливите категории. Пејачката се посвети целосно на потребната помош на останатите, а нејзиниот син Маркијан кој е со попреченост беше дополнителен мотив таа да се бори за подобри услови во нашето општество. И извојува многу победи! Последната е сензорски соби за градинките во општина Карпош.
* Дали кај нас тешко одат придвижувањата во поглед на оние луѓе на кои им е потребна поддршка и помош?
- Многу тешко одат придвижувањата за се овде. А, посебно за оваа категорија. Има недостаток од центри за поддршка на родителите и семејствата. Кога едно дете има попреченост во семејството, тогаш целото семјество е со попреченост затоа што не можат така лесно да се планираат обврските како што би сакале. Едноставно, немате слобода на движење, реакции, што сакате да правите, често пати еден од родителите не работи...
Целото интервју соРебека Јанковска Ристески, тука.
За жена за месец јуни 2023 година ја избираме Славица Ангелова.
Таа е девојката која ѝ го обели образот на нашата земја и победи во 16-тиот по ред натпревар на „Ѕвездите на Гранд“, како прва од 17 натпреварувачи од Балканот.
21- годишната струмичанка беше првиот кандидат за оваа сезона кој ги доби сите осум гласови од жирито и заслужен громогласен аплауз, уште при првото појавување кога ја испеа „Брод што тоне“ од Тамара Тодевска, па потоа се претстави со „Лутка за бал“ од „Парни Ваљак“ и покажа како се пее.
* Што е за Вас дефиницијата за успешна и убава жена? На која таква се одгледувате?
- Жената е едно нежно, но најмоќно битие...Секоја жена треба да ја носи магијата на мудроста и таинственоста, упорноста но и женственоста. Има многу жени кои ги почитувам и им се восхитувам на моќта која ја поседуваат. Една од нив ми е Анџелина Џоли- вистинска дама, која фасцинира со нејзината сензуалност, и моќ во тоа што го работи. Голем хуманитарец и уметник во својата работа. Благородна во поглед на децата. Жена од која многу може да се научи.
Целото интервју со Славица Ангелова, тука.
За Јули, решивме таа титула да ја понесе младата и надежна актерка, ѕвезда во подем - Сара Климоска.
Климоска е меѓу помладата генерација актерки, но исто толку вредна, достојна и вредна за наградување.
Последната награда која ја понесе стружанката, е наградата за најдобра актерка за улогата на Доста во филмот „Кајмак“ на фестивалот за филм во Сомбор, Србија.
„Сара е глумец од светски калибар, талент што се раѓа еднаш во генерација“, рече еднаш режисерот Манчевски за Климоска.
Целото интервју со Сара Климовска, тука.
За жена за месец август 2023 година ја избираме Андријана Јаневска.
Пејачка, професорка на ФМУ, прва виолина и пред сè мајка и сопруга, Андријана Јаневска е скромна дама со многу епитети, кои гордо ги носи.
Покрај сето ова таа е жена со неверојатна убавина и извајано тело, а и авантуристички дух кои ѝ овозможува да вози мотор по цел свет.
Таа во август го освои првото место на натпреварот организиран од ЗАДА рекордс (САД), на кој се избираше најдобар пејач/пејачка од цел свет во минатите неколку месеци.
* Што е за Вас дефиницијата за успешна и убава жена? На која таква се одгледувате?
- Убавината е во умереноста и во ништо да не се претерува. Секоја насмеана и среќна жена е убава. Успехот не се мери по тоа колку имот сме стекнале или колку пари сме заработиле, туку по тоа колку сме успеале да го разбудиме и развиеме најдоброто во себеси. Само на тој начин можеме да бидеме среќни и да се радуваме и на наједноставните работи во животот.
Целото интервју со Андријана Јаневска, тука.
Во септември, жена на месецот ја одбравме Лабина Митевска. Позициите на моќ во големата филмска индустрија генерално се резервирани за мажите, а познато е и дека жените, без разлика дали се актерки или режисерки, сепак се помалку платени од мажите кои работат иста работа.
Секако, произлегува дека жените ретко добиваат награди за своите достигнувања. Но се чини дека нештата се менуваат, на глобално ниво па и кај нас.
Актерката и продуцент Лабина Митевска е доказ за тоа.
Таа е ѕвезда која долги години блеска на големото платно со голем број главни и споредни филмски улоги и е еденод најуспешните продуценти во историјата на македонскиот независен филм
Лабина Митевска е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, што традиционално секоја година ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија. Наградата на Митевска свечено и беше врачена на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки”.
Целото интервју со Лабина Митевска, тука.
За жена за месец октомври 2023 година ја избираме Благица Зикова. Таа е дамата од Штип за која слушна цела Македонија, по прекрасната вест дека стана мајка на четворка.
Имено Благица и нејзиниот сопруг Александар Зиков станаа родители на Михаил, Теодор, Ведран и Леонтина - кои се родија во 31-вата недела од бременоста на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Новороденчињата сега се во инкубатор, бидејќи се родени со тежина од килограм и 150 грама до килограм и 350 грама, а се долги 31 сантиметар, инаку се зачнати со ин витро на клиника во Турција.
* Koj и што Ве мотивира? Мисла која Ве води низ животот?
- Во животот секогаш се водев по чувството како ми вели срцето и желбата да бидеш добар човек. Сакав да бидам борбена жена како мајка ми и успеав. Ги имам моите бебиња, се остварив како мајка со преголема желба и радост.
Целото интервју со Благица Зикова, тука.
Жена на месецот за ноември ја одбравме Ели Пешева. Бестрашна жена која чекори цврсто напред, која не се плаши да ги изрази своите ставови, која истовремено е мајка, сопруга, бизнисменка, секогаш модно усогласена и гласна! И слушана! И влијателна! Директорка за комуникации во „Њу Момент“ и еко-активистка која постигна значајни успеси и на двете полиња.
* Како ја гледате македонската жена од денешна перспектива?
- Не би ја стереотипизирала. Македонската жена е и мајка ми и ќерка ми, и јас, и моите пријателки, и тие на кои им ги знам личните драми и предизвици и жените со кои се разминувам на улица...нема една дефиниција. Она што можам да го кажам е дека овие наши балкански општества не се ни свесни за улогата, влијанието и силата на жените кои ги движат, за жал или можеби со оглед на околностите за среќа, од сенка. Помислете на најблиските жени во вашиот живот, и сигурна сум дека ќе се сетите на начините на кои суптилно ги истеруваат работите на свое.
Некако така ја гледам жената овде: го остава мажот да мисли дека е главен.
За месец декември 2023, Женски магазин ја избра за жена на месецот Кристина Камчева – Стојческа е претседател на Одбор на директори на Орка Холдинг. Таа е жена лидерка која не само што се фокусира на одредени проблеми и предизвици, туку пред себе ја става и визијата за тоа како ќе биде утре. Проблемите ги решава, предизвиците ги прифаќа, визијата до сега се докажа дека е вистинска, а таа оди напред, во нови победи, со нови успеси, со нови видици, притоа не заборавајќи дека жената на жена најмногу може да ѝ помогне. Таа тоа го прави...
* Што е успех? Дали на жената денес сѐуште не ѝ се простува успехот?
Нема посебна дефиниција за успех, мислам дека секој лично за себе има поставено сопствени критериуми и сопствени цели кои стреми да ги исполни. Според мене, успех е да те исполнува она што го работиш, да постигнуваш позитивни резултати, да создаваш дела со кои ќе се гордееш. Во денешно време успех е да имаш вистински пријатели што те разбираат, те поддржуваат и се секогаш тука кога ти се потребни. Успехот секогаш е најубав кога се споделува. Успех е кога гледаш дека децата се на вистинскиот пат, кога гледаш дека растат безгрижно и знаат што сакаат во животот…
Свесна сум дека сѐ уште постојат родови стереотипи и дека успехот полесно се прифаќа кај мажите, но секоја успешна жена го докажува спротивното, дека луѓето треба да се ценат според своите квалитети.
Целото интервју со Кристина Камчева – Стојческа, тука.